Шведската влада побара поголеми овластувања во борбата со Ковид 19, опозицијата загрижена


Шведската влада побара поголеми овластувања во борбата против корона вирусот, но наиде на критики кај опозицијата.
Владата на оваа нордиска земја е критикувана заради начинот на кој ја води здравствената политика во услови на епидемија од корона вирус, па денеска предложи донесување закон со кој привремено би се прошириле нејзините овластувања заради борба против корона вирусот, што предизвика критика од опозицијата.
Новиот закон би ѝ дозволил на владата, предводена од социјалдемократот Стефан Лофвен, без одобрување од Парламентот да преземе мерки како ограничување на јавните собири или затворање фирми.
„Шведска како и целиот свет се соочува со сериозна ситуација предизвикана од корона вирусот. Гледаме потреба да може да делуваме брзо ако ситуацијата го бара тоа, на крајот на краиштата, се работи за човечки животи“, рече министерката за здравство Лена Халенгрен.
Новите овластувања би биле одобрени на три месеци, а тоа иако е ограничено ја загрижува опозицијата, која се плаши од нарушување на демократијата.
Предлог-законот треба да го одобри парламентот.
Во Шведска не се применети мерки за изолација на населението како во другите европски земји за да се спречи ширењето на корона вирусот, Владата до сега само ги повика граѓаните да преземат сопствена одговорност и да ги следат препораките на санитарните власти.
Меѓу најстрогите мерки им се забраната за собири со повеќе од 50 луѓе и забрана за посета на старечки домови.
Начинот на кој Шведска се соочува со здравствената криза, предизвика критики како во земјата така и во светот.
„Не, не се однесуваме како ништо да не се случува во Шведска“, рече во четвртокот министерката за здравство.
Во земјата која има 10, 3 милиони жители, до денеска забележани се околу 7.000 случаи на заболени од корона вирус и 477 починати.