Швајцарскиот фармацевтски гигант „Рош“ купува американска компанија за 3,5 милијарди долари

Швајцарскиот фармацевтски гигант „Рош“ (Roche) се согласи да ја купи американската биотехнолошка компанија „89био“ (89bio, која е специјализирана за развој на лекови за заболувања на црниот дроб и кардиометаболички заболувања, во трансакција вредна околу 3,5 милијарди долари.
„Рош“ денес објави дека ќе плати 14,50 долари по акција за „89био“, или вкупно околу 2,4 милијарди долари, со можна дополнителна исплата на акционерите во иднина до 6 долари по акција. Правата на дополнителни исплати на акционерите, условени од постигнувањето на деловните цели, ја зголемуваат вредноста на трансакцијата на околу 20,5 долари по акција, или околу 3,5 милијарди долари.
Понудата од 14,5 долари по акција е за 79 проценти повисока од цената на акциите на американската компанија на затворањето на тргувањето вчера. Менаџментот на „Рош“ очекува договорот да се затвори во четвртиот квартал од оваа година. По спојувањето, вработените во „89био“ ќе станат дел од фармацевтската дивизија на „Рош“.
„89био“ моментално го развива лекот пегосафермин за третман на неалкохолна масна болест на црниот дроб (MASH), која е исклучително честа кај луѓе со дебелина и дијабетес тип 2. Се проценува дека околу пет до седум проценти од светската популација страда од оваа болест. Доколку не се лекува, MASH може да доведе до цироза, декомпензација на црниот дроб и хепатоцелуларен рак, се вели во соопштението на „Рош“.
„Спојувањето дополнително го зајакнува нашето портфолио на лекови за кардиоваскуларни, бубрежни и метаболички заболувања и ни нуди можности да истражуваме комбинации со постојните програми што ги развиваме“, рече Томас Шинкер, извршен директор на „Рош“.
Извршниот директор на „89био“, Рохан Паркер, исто така го изрази своето задоволство од договорот. Тој нагласи дека комбинирањето на ветувачкиот пегосафермин со „добро воспоставените глобални можности за развој, производство и комерцијализација на ‘Рош’“ ќе го забрза и зголеми потенцијалниот бенефит за пациентите, како и ќе ја зголеми вредноста на акциите на компанијата.