Швајцарци го оставиле сомнителниот куфер во близина на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ


Полицијата ги идентификувала лицата кои вчера го поставија сомнителниот куфер на плоштадот „ВМРО“ пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. Станува збор за швајцарскиот државјанин Рафаел С. (1987) и женско лице со идентитет Вивиан С.Х. (1985), кои во Македонија пристигнале на 1 октомври со лет од Цирих.

Од МВР соопштија дека според видеонадзорот, двете лица го разгледувале просторот, по што едното оставило куфер пред објектот. Засега не се објавени нивните мотиви за ваквата постапка.

Првичната информација од вчера за евакуацијата на вработените беше дека се работи за дојава за бомба. Од МВР потврдија дека по извршената проверка утврдено е дека се работи за празен куфер и не претставува закана по безбедноста.

Имено, лице од обезбедувањето на Јавното претпријатие „Државни патишта“ пријавило дека забележало две лица кои го разгледуваат просторот, при што едно од нив оставило куфер.