Шукова: Вардариште и Дрисла – симболи на распадот во системот за отпад, а ВМРО-ДПМНЕ без решение

По Вардариште, пожарот на Дрисла ги докрајчи жителите на Скопје. Ова е најдобар доказ за неодговорното и неспособно управување на ВМРО-ДПМНЕ со градот. Четири години немаат никакво системско решение за управување со отпадот, додека ризикот по здравјето на скопјани расте секој ден. Наместо конкретни мерки, добивме само популизам и празни ветувања, се наведува во соопштението од прес-конференцијата на Каја Шукова, кандидатка на СДСМ за градоначалничка на Град Скопје.
„Додека градот се гуши во ѓубре и чад, тие одржуваат прес-конференции за нереални фестивали, паркови на контаминирано земјиште за евтини партиски поени. Но, град не се води со флоскули“, изјави Шукова, додавајќи дека Вардариште и Дрисла станаа симболи на хаосот во управувањето со отпад – хаос што ВМРО-ДПМНЕ не знае, не може и не сака да го реши.
„Мојот план е јасен. СДСМ има конкретно и одржливо решение за Вардариште и за управувањето со отпадот во Скопје: Итно оградување и заштита на просторот на Вардариште, со контролиран пристап исклучиво за службите на комунална хигиена. Воспоставување 24-часовно физичко обезбедување за спречување пожари и вандализам“, нагласи Шукова.
Таа посочи дека на среден и долг рок нејзиниот план предвидува изградба на нова претоварна станица според европски стандарди, како дел од систем за целосно управување со отпад – од собирање, преку селекција, до финално депонирање во Дрисла.
„Безбедноста, деконтаминацијата и изградбата на модерен систем се клучни за долгорочно решение“, рече Шукова повикувајќи го уште еднаш Орце Ѓорѓиевски на јавно соочување.