Шукова: Имаме концепт за дигитално Скопје со еден клик до сите градски услуги

„Младите се срцето на дигиталното Скопје што го градиме. Затоа, токму ним им ја отвораме вратата кон нови можности,“ рече Каја Шукова претставувајќи го планот за концепт за дигитално Скопје, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.
Таа потенцира дека визијата е Скопје да стане паметен, поврзан и достапен град за сите граѓани. „Време е Скопје да го направиме град кој се развива со темпото на современиот свет,“ додаде Шукова.
Во рамки на иницијативата, предвидено е воведување на унифицирана дигитална платформа што ќе ги поврзе сите градски претпријатија, образовни и културни институции. „Со еден клик, лесно за граѓаните ќе бидат достапни сите градски услуги,“ истакна таа.
Проектот предвидува и портал со отворени податоци и апликација за систем на јавно мислење (Citizens engagement system), како и бесплатен интернет во автобусите, автобуските станици, на плоштадот и во Градскиот парк.
„Со сензори и апликации имаме решение за паметно паркирање, мерење на квалитет на воздух и бучава, следење и управување со отпад, паметно мерење на проток на вода, мониторинг на инфраструктура, загадување и безбедност во реално време,“ појасни Шукова, нагласувајќи дека тоа ќе придонесе за помалку метеж, помалку загадување, поголема енергетска ефикасност и модерни дигитални услуги достапни за сите.
Посебен фокус е ставен на младите, кои ќе имаат можност да креираат сопствени апликации и АИ-алатки преку новата платформа. „Со тоа ги вклучуваме младите во градењето на дигиталното Скопје,“ рече Шукова, додавајќи: „Ова не е технологија заради технологија, ова е визија за поквалитетен живот, транспарентно управување и иновативен град што расте со своите граѓани.“
„Скопје ќе биде подготвено за иднината – дигитално, паметно и хумано,“ заклучи Шукова.