Што содржи акцискиот план што ги скара повторно Македонија и Бугарија?

Со Акцискиот план што го бара Бугарија на функционерите, парламентарците, административците и новинарите ќе им биде забранет говорот на омраза, а последните и ќе одговараат


Дилемата дали Акцискиот план за заштита и промоција на правата на припадниците на заедниците во Македонија бил напишан на македонски или на англиски јазик ја фрли во втор план  содржината на овој документ, иако таа е клучна за преговорите на Македонија со ЕУ. Од она што може да се види од единствената јавна официјална работна верзија, во документот нема ни „Б“ од Бугари, иако е напишан токму по барање на Софија и е еден од условите на ЕУ содржан во Преговарачката рамка. 

Она што е најголема вест во нацрт документот е дека, откако ќе почне да се применува, нема веќе да може да се прави рејтинг со ширење говор на омраза кон Бугарија, односно власта презема обврска оттогаш па во иднина на сите функционери да им се забрани на навредлив начин да ги коментираат односите со Бугарија.

Испаѓа дека владата на оваа тема ќе се замолчи самата, бидејќи во документот стои дека ќе се изменат кодексите на однесување на членовите на Владата, на Парламентот и на јавната администрација според препораките на ЕКРИ, со кои на парламентарците, министрите и административците експлицитно ќе им биде забранет говорот на омраза во институциите и генерално во јавноста. Уште повеќе, оваа одредба не се однесува само на Бугарија и Бугарите во Македонија, туку е генерална, во однос на сите заедници што живеат во нашата држава, вклучувајќи ги и Албанците, инаку омилена тема за предизборни препукувања. 

Сепак, и покрај ваквата одредба, Акцискиот план не е посебен, насочен и официјално усвоен конкретно за бугарската заедница, а тоа веројатно е вистинскиот извор на нивната фрустрација, а не јазикот. Ваков каков што е во работната верзија, тој ги прецизира заштитата и промоцијата на правата на преставниците на заедниците што се под 20 отсто во земјата. Со него се најавуваат дополнителни законски измени и мерки со кои ќе се одговори пред се на три прашања: дискриминација на етничка основа, говор на омраза и подобро образование за преставниците на малцинските маедници во земјата.

Така, во делот за анти-дискриминација  Македонија презема обврска да воспостави ново Национално координативно тело  за мониторинг  на дискриминацијата, да ја зајакне Комисијата за превенција и заштита од дискриминација со повеќе вработувања и зголемен буџет, да именува заменик обдусман кој што ќе биде одговорен само за следење на говорот на образа кон припадници на малцинствата, да има посебен одел за тоа во оваа институција, тој да прави мониторинг, да објавува дата податоци за случаи на говор на омраза и да дава редовни извештаи за што ќе добие плус вработувања и сретства. 

Се предвидува исто така  да станат кривично дело расно или верски мотивирани јавни напади (иако не стои и етнички), и да се донесе нов закон за формирање на здруженија и фондации, кој ќе биде усогласен со законодавството на ЕУ. 

Со ЕУ стандардите ќе се усогласуваат и законските одредби за самоопределување, а како дополнение на Законот за правична застапеност (кој го замени Балансерот), подетално ќе се регулира начинот како ќе се спроведуваат вработувањата на припадниците на заедниците во  јавната служба, со целосно почитување и на мерит системот.

Покрај спроведувањето јавни кампањи за јакнење на свеста за недискриминација, со Акцискиот план се предлагаат и бројни обуки за јакнење на професионалните капацитети  на судиите, обвинителите, полицајците  и новинарите, исто како и на тема говор на омраза..

Со Акцискиот план се предвидува исто така зголемување за 200 оттсо на сретствата од буџетот за негување на културното наследство на заедниците, а конечно се презема и обврската за ратификација на Повелбата за регионалните и малцински јазици на Советот на Европа, што со децении Македонија ја одбегнува. 

Говорот на омраза ќе се искорени и од медиумите бидејќи ќе стане предмет на законски измени со кои ќе биде предвидена одговорност, а тоа ќе ги вклучи и интернет изданијата. За говорот на омраза ќе се донесе прецизна дефиниција  и за него ќе се одреди прецизна казна. 

Во однос на образованието Акцискиот план генерално предвидува подобри услови за учења на малцинските јазици, но и преиспитување на учебниците  за да се усогласат со меѓуетничкиот (како што стои „мултикултурниот“) концепт  на државата и поттикнување на поголема комуникација меѓу различните заедници. Се предлага и создавање електронска платформа за учење на јазиците на заедниците и создавање на дата база со имиња на наставници на јазиците на заедниците.

Сумирано кажано, Акцискиот план дава јасни мерки за спречување, истражување и казнување на случаи на говор на омраза и злосторства од омраза, што е посебна загриженост покрената во врска со нападите и институционалниот притисок врз бугарската заедница. Тој ги наведува и  мерките за гарантирање на културниот, етничкиот и јазичниот идентитет на сите заедници, вклучително и поддршка за културни клубови и правото на слободна самоидентификација.
 Планот има за цел целосна и соодветна застапеност на сите заедници во јавниот живот и институциите, обезбедувајќи еднакви можности во вработувањето, образованието и здравствената заштита.

Овој специфичен акциски план што го побара Бугарија е чекор што формално треба да почне да се применува по  вклучувањето на бугарското малцинство како народ во Уставот, што и натаму е предмет на спор меѓу Македонија и Бугарија. Претставниците на бугарската заедница во Северна Македонија изјавија дека Акцискиот план е премногу општ и не обезбедува ефикасни механизми за заштита, како  и дека нема доволно гаранции против системски повреди на нивните права.