Што содржат законите за автопатиштата кои предизвикаа голема бура

Како ќе се штити можното археолошко наследство и како ќе се врши експропријација на имот се најконтроверзните измени на законите


Од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ (Фото: Б. Грданоски)

 

Деветте предлог-закони што минатата недела претседателот на Собранието ги стави на итна седница закажана за денес, а се поврзани со изградбата на автопатиштата, долеаја дополнително масло на огнот на ионака контроверзниот договор со конзорциумот „Бехтел и Енка“. На нога се кренаа археолозите поради измената на законот за заштита на културното наследство, синдикатите, некои партии, граѓански организации.

Одредбата дека надзорниот инженер на трасата на коридорот одлучува дали нешто што е најдено е вредно археолошко наследство (а не законски оопределените институции) предизвика гневна реакција на археолозите од Македонското археолошко друштво (МАД) што целиот проект го нарекоа „бизнис интереси на политички дисиденти“. На кои политички дисиденти мислат археолозите од МАД не е сосема јасно. Друштвото го повика пратеникот Арбер Адеми како овластен предлагач да ги повелече дополнувањата на законот, а „Владата да не дозволи заради бизнис-интересите на одредени политички дисиденти да биде инвеститор во уништувањето на заедничкото културно наследство кое треба да го оставиме на идните генерации“.

Со измените за законот за експропријација државата треба да им плаќа отштета на сопствениците дури и за бесправно изградените објекти на нивното земјиште на Kоридорот 8. Според предложениот закон потребен е само имотен лист кој докажува дека земјиштето е во сопственост на лицето на кое му се експроприра имотот, но и доказ дека претходно тоа лице има поднесено барање за легализација на дивоизградениот објект.

Експроприраниот имот или дадениот простор под закуп сопственикот треба во рок од 30 дена да го испразни од луѓе и ствари. Во сите случаи државата ќе присвојува, односно ќе купува, по пазарни цени, согласно Законот за процена.

На некои сопственици би им се зело земјиште под закуп за што изведувачите ќе плаќаат кирија, а по завршувањето на автопатите, тоа ќе им се врати назад.

Деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски, во разговор за Дојче веле нагласува дека Македонија „во областа на градежништвото е пререгулирана држава, а колку повеќе скалила по патот, толку повеќе можности за препнување, меѓу другото и за корупција“.

Според него, „бројни законски и подзаконски акти, пропишани процедури, постапки, ја обременуваат и онака компликуваната реализација на ‘капиталците’. Дали тоа се должи на недоверба во системот, односно во самите себе, во учесниците на процесите, во сѐ уште несозреаната демократија и граѓанска свест или на нешто сосема друго – не знам. Се постапува најчесто премногу бавно и некоординирано, а решенијата се одолговлекуваат со цел создавање алиби за минимизирање на ризикот од евентуална грешка и подоцнежни непријатности од секаков вид. Затоа експропирацијата и сличните пропратни, но битни елементи во процесот на градење, (о)станаа една од главните причини за забавена реализација на проектите“, вели професорот Марковски.

Тој уште укажува дека евентуалното наоѓање на археолошко наследство ќе биде невозможно да се скрие затоа што се работи за активности во кои се вклучени голем број учесници. Марковски нагласува дека олеснителна околност во конкретниов случај е тоа што изведувачот сам го изработува проектот, па евентуалните поместувања на трасата или премостувања на ваквите локалитети се многу полесно изводливи.

Власта со предложените законски измени се обидува да го скуси рокот на изведбата, да ги надмине тесните грла што изградбата на автопатот Кичево-Охрид ја однесоа до недоглед (рокот сега е крајот на 2023), но бидејќи тоа го прави во забрзана постапка предизвикува огромни реакции. Исто како и изборот на надзорот за автопатиштата, во кој беа вклучени и македонски компании кои немаат искуство во таа работа. А и огромните хонорари што им беа доделеи на адвокатите коу учествуваа во склучувањето на договорт.

Овие измени на законите се однесуваат само за проектите што ги гради „Бехтел и Енка“ и треба да завршат кога ќе заврши изградбата. Така и измените на законот за минерални суровини може да се продолжи периодот на концесија на инвеститорот што ќе ги гради автопатиштата од три на 6 месеци, со можност за дополнително продолжување на рокот. Концесијата за детални геолошки истражувања може да се издаде директно на инвеститорот, во рок од само 14 дена.

На дневен ред на денешната седница на Собранието се измени на Законот за заштита на културното наследство, Законот за градба, Законот за земјоделско земјиште, Законот за експропријација, Законот за урбанистичко планирање, Законот за минерални суровини, Законот за шуми, Законот за работни односи и за Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10д. (Н.В.)