Што може ракетниот систем „Патриот“ да направи за Украина?

Прочуениот систем не е семоќен, тој може да заштити еден дел од Киев од ракетни напади, но не и целиот град. Но неговата испорака има огромна симболика во војната


 

Ракетните системи „Патриот“ долго време беа жешка ставка за САД и сојузниците во спорните области во светот како посакуван штит против дојдовните ракети. Во Европа, Блискиот Исток и Пацификот, тие се чувари од потенцијални напади од Иран, Сомалија и Северна Кореја.

Така, беше критична пресвртница кога оваа недела се појави веста дека САД се согласиле да испратат ракетна батерија „Патриот“ во Украина – нешто што украинскиот претседател Володимир Зеленскиј го бараше со месеци за да ја зголеми воздушната одбрана на неговата земја. Американските власти го потврдија договорот, а наскоро се очекува и официјално соопштение. Но, експертите предупредуваат дека ефективноста на системот е ограничена и дека можеби нема да ја промени играта во војната.

Погледнете што е системот и што прави:

ШТО Е „ПАТРИОТ“?

„Патриот“ е ракетен систем за наведување земја-воздух, кој првпат беше распореден во 1980-тите и може да цели на авиони, крстосувачки ракети и балистички ракети со помал дострел.

Секоја батерија „Патриот“ се состои од систем за лансирање монтиран на камион со осум фрлачи кои можат да држат до четири ракетни пресретнувачи, копнен радар, контролна станица и генератор. Американската армија соопшти дека во моментов има 16 баталјони „Патриот“. Извештајот на Меѓународниот институт за стратешки студии од 2018 година покажа дека тие баталјони работат со 50 батерии, кои имаат повеќе од 1.200 ракетни пресретнувачи.

Американските батерии редовно се распоредуваат низ целиот свет. Покрај тоа, „Патриоти“ оперираат или се нарачани од Холандија, Германија, Јапонија, Израел, Саудиска Арабија, Кувајт, Тајван, Грција, Шпанија, Јужна Кореја, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Романија, Шведска, Полска и Бахреин.

Системот „Патриот“ „е еден од најшироко управуваните и најсигурните и докажани системи за противракетна одбрана“, а способноста за одбрана од балистички проектили на бојното поле може да помогне во одбраната на Украина од балистички ракети испорачани од Иран, рече Том Карако, директор на Проектот ракетна одбрана во Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС).

ЦЕНАТА НА ЧИНЕЊЕ

Со текот на годините, системот „Патриот“ и ракетите постојано се менуваа. Сегашната ракета-пресретнувач за системот „Патриот“ чини приближно 4 милиони долари, а фрлачите чинат околу 10 милиони долари секој, објави ЦСИС во својот јулски извештај за противракетна одбрана. По таа цена, не е исплатливо или оптимално да се користи „Патриот“ за соборување на далеку помалите и драматично поевтини ирански беспилотни летала што Русија ги купува и ги користи во Украина.

„Истрелувањето на проектил од милион долари кон беспилотно летало од 50.000 долари е бесполезно “, рече Марк Кансијан, пензиониран резервен полковник на Маринскиот корпус и висок советник во ЦСИС.

ГРИЖИ ОКОЛУ РАСПОРЕДУВАЊЕТО

На една батеријата „Патриот“ може да ѝ требаат дури 90 војници за да ја оперираат и одржуваат, а САД со месеци не сакаа да го обезбедат сложениот систем бидејќи испраќањето сили во Украина за да го управуваат не го сака администрацијата на Бајден.

Но, исто така, имаше загриженост дека распоредувањето на системот ќе ја испровоцира Русија, или ризикот дека проектилот истрелан може да заврши во внатрешноста на Русија, што може дополнително да го ескалира конфликтот. Според официјалните лица, итните молби на украинските лидери и разорното уништување на цивилната инфраструктура во земјата, вклучително и губењето на електрична енергија и топлина како што зимата се одолговлекува, на крајот ги надминаа резервите на САД за испорачување на „Патриотите“.

Клучна пречка ќе биде тренингот. Американските трупи ќе мора да ги обучуваат украинските сили како да го користат и одржуваат системот. Војниците на армијата доделени на баталјоните на „Патриот“ добиваат обемна обука за да можат ефикасно да лоцираат цел, да ја нацелат со рада со радар и оган.

Соединетите Американски Држави ги обучуваа украинските војници на други комплексни системи за оружје, вклучително и артилериски ракетни системи со висока мобилност, познати како ХИМАРС. Во многу случаи тие можеа да ја скратат обуката, извлекувајќи ги украинските војници од борбениот фронт за неколку недели. Официјалните лица одбија да дадат детали за тоа колку долго ќе трае обуката за „Патриот“и каде точно ќе се прави.

МОЖНОСТИТЕ НА „ПАТРИОТ“

Украина се соочува со низа руски закани, а „Патриот“ е добар против некои, а не толку корисен против други.

Еден поранешен висок воен функционер со познавање на системот „Патриот“ рече дека тој ќе биде ефикасен против балистички ракети со краток дострел и претставува силна порака за поддршка на САД, но една батерија нема да го промени текот на војната.

Официјалниот претставник, кој сакаше да остане анонимен бидејќи договорот за Украина сè уште не е објавен во јавноста, истакна дека една батерија „Патриот“ има долг дострел, но може да покрие само ограничена широка област. Како пример, „патриотите“ можат ефективно да заштитат мала воена база, но не можат целосно да заштитат голем град како Киев. Тие можат да обезбедат покриеност само за еден сегмент од градот.

„Патриот“ е распореден во Полска, во Жежув, во близина на границата со Украина (Фото: АП)

„Патриотите“ често се распоредуваат како баталјон, кој вклучува четири батерии. Ова нема да биде случај со Украина, за која властите рекоа дека ќе добие една батерија.

„Патриот“ има помоќен радар кој е подобар во лоцирање цели од системот „С-300“ од советската ера што го користат Украинците, но има ограничувања, рекоа и Карако и Канчијан.

Сепак, способноста на „Патриот“ да гаѓа некои балистички ракети и авиони може потенцијално да го заштити Киев доколку рускиот претседател Владимир Путин ја спроведе својата постојана закана за распоредување тактичка нуклеарна направа. Но, тоа ќе зависи од тоа како е употребено оружјето, рече Карако. Ако се работи за гравитациска бомба испорачана од воен авион, системот би можел да го таргетира леталото; ако се работи за крстосувачка или балистичка ракета со краток до среден дострел, тој, исто така, би можел да ја пресретне ракетата, рече Карако.

„Рејтеон“, кој го произведува „Патриот“, вели дека тој бил вклучен во 150 пресретнувања на балистички ракети од 2015 година. Стапката на успех на „Патриот“, сепак, постојано е доведувана во прашање. Извештајот на Канцеларијата за одговорност на Владата од 1992 година вели дека не може да најде докази за поддршка на извештаите дека системот постигнал стапка на успех од 70% против ракетите „Скад“ во Заливската војна. Во 2018 година, успехот на Саудиска Арабија во користењето на „Патриот“ против проектилите истрелани од бунтовниците Хути во Јемен беше доведен во прашање кога се појавија видеа од системски дефекти.

Но, надвор од можностите на „Патриот“, неговото распоредување е голема изјава за поддршка за Украина.

„Има многу симболика овде“, рече Канчијан. (АП)