Што е „Јандекс“, преку кој стигнуваат најголемиот број дојави за бомби

„Јандекс“ е често нарекуван „Руски Гугл“. Беше формиран од либерални претприемачи, но војната во Украина го постави на шини кон Кремљ


Еу воведе санкции против директори на „Јандекс“ уште на почетокот на војната, што предизвика оставка на неговите клучни луѓе во раководството

 

Претседателот Стево Пендаровски во разговорот за емисијата „Само интервју“ на Канал 5 рече дека според она што може да го соопшти најголемиот дел од дојавите за поставени бомби во Македонија доаѓале преку рускиот интернет пребарувач „Јандекс“. Но притоа се огради околу можните испраќачи, велејќи дека тоа не значи автоматски дека дојавите за бомби доаѓаат од Русија.

Пендаровски прв соопшти како тече истрагата за тоа од каде доаѓаат дојавите, велејќи дека луѓе од НАТО веќе две недели биле присутни во земјава за да помогнат, пред сѐ, технички, како и претставници од две партнерски земји.

Така, „Јандекс“ тајно и на озлогласен начин влезе во македонскиот технолошки простор. Оваа компанија основана 2000 година е доминантен интернет пребарувач во рускојазичното подрачје и на територијата на поранешниот Советски Сојуз. „Јандекс“ е петти по големина пребарувач во светот. Тој податок веројатно ѝ е познат на технолошко-информативната мрежа во државава, но за огромниот, т.е. речиси целиот дел од јавноста името „Јандекс“ не значи речиси ништо.

Македонската јавност на посреден начин се запозна со „Јандекс“ неодамна, на крајот на ноември, кога беше објавено дека долгогодишниот близок соработник на претседателот Владимир Путин и поранешен министер за финансии, Алексеј Кудрин, ја напушта тогашната позиција како шеф на Сметководствената комора за да замине во приватниот бизнис. Местото за тој приватен бизнис е – советник во „Јандекс“. На прв поглед преминувањето на либералниот економист од моќната позиција во советничка може да изгледа како сериозно паѓање, но веројатно не е така поради големата улога што ја има „Јандекс“ во рускиот свет, особено за време на информациската битка за украинската војна.

Според извештаите на независните руски медиуми Кудрин на лична средба со Путин барал дозвола да премине во „Јандекс“.

„Една од главните задачи е да помогнем во зачувувањето на уникатниот менаџмент и технолошка култура на ‘Јандекс’ за да остане независна и најдобра ИТ компанија во Русија“, напиша Кудрин на неговиот канал на Телеграм. „Сега би сакал да се фокусирам на големи проекти кои се поврзани со развојот на приватни иницијативи во широка смисла, но истовремено имаат значително влијание врз луѓето“, рече Кудрин.

Ова објаснување изгледа професионално независно ако не се знае за огромните врски меѓу „Јандекс“ и Кремљ, па и санкциите на ЕУ воведени против некои негови директори.

„Јандекс“ е често нарекуван „Руски Гугл“ и неговата основна функција не е интернет пребарувач, туку тоа што обезбедува голем број други услуги во економијата кои станаа дел од секојдневието на Русите, вклучувајќи широко користени апликации за такси и испорака на храна.

Регистриран е во Холандија и има подружници во Европа, Велика Британија и САД, но најголемиот дел од неговиот бизнис е во Русија и во земјите што зборуваат руски.

Компанијата е погодена  со превирања по инвазијата на Украина, бидејќи санкциите ги нагризуваат нејзините финансиски прогнози и оставките на највисоко ниво оставија јаз во лидерството.

„Јандекс“ е скапоцен камен во круната на руската технолошка сцена повеќе од две децении, кој сега има околу 20.000 вработени. Роден во либерална економска средина тој сега сѐ повеќе е принуден да ја балансира својата визија за иновативна, меѓународна иднина со барањата на сè порепресивната влада на Русија.

Нападот на Русија врз Украина го направи овој балансирачки чин целосно невозможен. Од почетокот на војната, компанијата ги криеше независните вести од резултатите од пребарувањето и им дозволи на „Јандекс њуз“ да ги насочува корисниците директно до државните медиумски стории кои повторуваат пораки од Кремљ за „специјална операција“ за „ослободување“ на Донбас. „Јандекс“ ги исполни барањата за отстранување на подкастите на Би-Би-Си од неговите услуги за стриминг.

Ваквите потези предизвикаа гнев во јавноста, оставки во компанијата, а антивоените Руси ја обвинуваат компанијата дека е алатка за официјална цензура.

„Не заборавајте дека главниот пропагандист на војната воопшто не е ТВ, туку рускиот ИТ гигант ‘Јандекс’“, напиша затворениот критичар на Кремљ, Алексеј Навални.

Многу брзо по руската инвазија на Украина „Јандекс“ се најде под санкции на ЕУ и веднаш потоа следеа оставки. Тигран Худавердјан, заменик-извршен директор на холандската холдинг компанија на „Јандекс“, се повлече откако беше санкциониран од ЕУ, а неколку недели подоцна тоа го направи и Елена Бунина главна извршна директорка на „Јандекс“. И Худавердјан и Бунина, наводно, ја напуштиле Русија.

„Јандекс“ потоа објави дека ги намалува инвестициите и ги укинува финансиските прогнози за оваа година.

Акциите на компанијата беа замрзнати на Њујоршката берза како резултат на западните санкции, што ги натера сопствениците на обврзници да бараат отплата на гаранцијата за обврзници од 1,25 милијарди долари. „Јандекс“ потоа соопшти дека нема пари за отплата и дека преговара за реструктуирање на долгот.

Летово „Јандекс“ соопшти дека го продава својот интернет пребарувач на владината групација ВК, која ја поседува најголемата социјална мрежа во земјата – ВКонтакте.

Неодамна „Јандекс“ соопшти дека ја разгледува можноста за поделба на компанијата на руски и меѓународни бизниси. Се планира промена на името на компанијата. Брендот „Јандекс“ ќе остане со руската структура. Таа руска структура на компанија создадена врз либерални вредности треба да остане блиска до Кремљ заради огромната важност што ја има во општеството. Поранешниот министер за финансии, Алексеј Кудрин, и човек од доверба на Путин, треба да помогне да се изврши оваа трансформација и „Јандекс“ од независен глас и еден од важните мотори на економијата да биде уште поцрвсто поврзан со Кремљ, макар тоа и јавно да не се гледа.