Што ако кандидатот за претседател на САД почине или се повлече од трката?


Ниту еден кандидат на претседателските избори во САД досега не починал или морал да се повлече од трката олку близу до изборите, но хоспитализацијата на претседателот Доналд Трамп поради коронавирус на само еден месец пред изборите на 3 ноември покрена прашања за тоа што би се случило ако се случи тоа.

Трамп има 74 години, а неговиот противник, кој наводно е со релативно добро здравје Џо Бајден има 77 години и е најстариот демократски кандидат во историјата.

Што ако претседателски кандидат ја напушти трката?

Одложување на претседателските избори? Тоа не е веројатно. Датумот на избори е законска категорија и тие секогаш се во вторник по првиот понеделник во ноември. Двата дома на Конгресот, и Претставничкиот дом, кој има мнозинство демократи и Сенатот, кој има мнозинство републиканци, ќе треба да се согласат за одложување. Дури и за време на Американската граѓанска војна, изборите во 1864 година се одржаа како што беше планирано и Абрахам Линколн го освои вториот мандат.

Може ли кандидатот да биде заменет?

Републиканската и Демократската партија имаат правила како да го заменат претседателскиот кандидат доколку е потребно. Во случајот на Републиканската партија, 168 членови на Националниот комитет на партијата може да гласаат за избор на заменик на Трамп. Комитетот, исто така, може да свика националната конвенција со повеќе од 2.500 делегати за да избере нов кандидат, но поради краткиот рок, тоа веројатно не е изводливо. Просто мнозинство е потребно во обете сценарија.

За демократите, нов кандидат би требало да изберат речиси 450 членови на Националниот комитет на партијата.

Може ли заменскиот кандидат да биде на гласачкото ливче?

Најверојатно не. Проблемот е во тоа што гласачките ливчиња се веќе отпечатени и повеќе од три милиони Американци веќе гласаа по пат на пошта.

Што е со Изборниот колеџ?

Иако изборите се општи, апсолутно мнозинство од 538 членови на Изборниот колеџ е потребно за избор на претседател. Во секоја американска држава, освен две, Небраска и Мејн, кандидатот кој ќе добие најмногу гласови на гласачи во државата ги добива сите нејзини изборни гласови. Ништо во Уставот не ги обврзува електорите да гласаат за овој или оној кандидат, но Врховниот суд во јули донесе одлука дека државите да можат да ги казнат т.н. непослушни електори кои нема да гласаат согласно волјата на мнозинството избирачи.

Членовите на Изборниот колеџ ќе се соберат во нивните држави на 14 декември и ќе гласаат за претседател и за потпретседател. Во случај кандидатот да умре или да се повлече пред да гласаат електорите, работите може да се комплицираат.

Тогаш се применуваат законите на одделни сојузни држави, но секоја партија, во теорија, би можела да ги упати своите електори да гласаат за заменскиот кандидат. Конгресот на 6 јануари 2021 година ќе ги потврди резултатите од изборите, а победникот ќе положи свечена заклетва за претседател на 20 јануари. (Хина)