Штедачите во Еуростандард банка стравуваат дека во најдобар случај ќе добијат 5 до 10 отсто од побарувањата


Во најдобра ситуација од ненаплатливите или тешко наплатливите кредити што ги има пласирано Еуростандард банка, може да очекуваме да добиеме од 5 до 10 отсто од нашите средства, истакна вечерва Љуљзим Селами, претставник на штедачите за ТВ 24, во дебата со сопственикот на банката Трифун Костовски и екс директорот Николче Петковски. До овој износ дошол имајќи ги во предвид податоците од извештајот на стечајниот управник на Еуростандард банка, за износот на спорните побарувања на банката, трошоците за постапка, начинот како ќе се продаваат објектите и сл.

„Ние сме пеплосани. Државата за сега не реагира, но еден ден ќе мора да регира, рече Селами потсетувајќи на случајот ТАТ. „Ние сме добриот дел од општеството, се што имавме стававме во банка, нас треба некој да не заштити“, додаде тој.

Според извештајот, наодот и мислењето на стечајниот управник дупката во банката изнесувала 57,5 милиони евра. Од тоа 55,5 милиони се ненаплатливи кредити кај правните лица и уште 2 милиони евра кај физичките лица.

„Ова е фрапантна бројка – 72 отсто од дадените кредити на правни лица се ненаплатливи или тешко наплатливи“, рече Селами цитирајќи делови од извештајот на стечајниот управник во кој била констатирана нецелосна усогласеност на банката со интерните политики и процедури за кредитен ризик, пракса на масовно одобрување кредити за измирување на достасани обврски во банката, банката преземала поголем кредитен ризик кај клиентите, непрепознавање на ризикот и други нерегуларности.

„Последните 7-8 години масовно се делелеле кредити без покритие. Затоа сме во ваква каша. Ако е ситуацијата е розова исплатете не од ваши средства, па вие барајте од стечајот“, им се обрати Селами на Костовски и Петковски. Како што рече има 150 фирми од кои дадените кредити се ненаплатливи или се тешко наплатливи, кои имаат многу мали хипотеки или воопшто немаат, или се затворени, односно фирмите веќе не постојат.

„Ние сме повеќе од 3.000 семејства кои што повеќе од 3-4 месеци немаме сон, нашето здравје и здравјето на нашите семејства е нарушено. Се што имавме заштедено депониравме во институција која што е регулирана со закон, се ни е земено. Ние живееме во тотална неизвесност“, рече Селами, додавајќи дека има многу потресни стории.
Тој смета дека најголемата вина е во акционерите на банката и во управата на банката – надзорен одбор, управен одбор, кредитен одбор, но одговорност има и кај НБМ бидејќи можела да преземе дејствија уште 2013-2014 година со што штетите би биле помали.

„Нам не ни пречи што ги раздавале кредитите ‘наваму-натаму’, се додека ги покривале со свој капитал и тука требало да не заштити Народна банка. Првиот ден кога почнуваат нашите пари да се раздаваат ‘наваму-натаму’ не требало да се прати известување до банката, туку уште тогаш требало да се отвори стечај“, вели Селами, „Можете да ги дадете своите пари било кому како кредит или позајмица. Но, зошто ги давате моите пари така непокриено. Ние сме тие што сме оштетени, а сме ги довериле парите на институција“, додаде тој.

Од друга страна сопственикот на Еуростандард банка, бизнисменот Трифун Костовски вели дека му е замрзнат приватниот имот и две стари возила. Тој го повтори ставот дека станува збор за организиран криминал.

„Организираниот криминал не е на улиците, тој е во институциите врзани политиката со одредени бизнис структури“, рече Костовски, според кого во прашање се 110 милиони евра, пари кои тој ги вложил од основањето на банката.

„Тоа се 110, 120 милиони евра кои денес ги нема. Не може трагата на парите да се сокрие. Како може за време за пандемија да се носи мерка за стечај, а сега велат не може да делуваат? Беше вонредна ситуација во кој ни беше забрането присилно да наплатување. Не можевме ниту присилно да наплатуваме“, истакна Костовски.

Според поранешниот директор на банката Николче Петковски, не станува збор ниту за криминал, а уште помалку за организиран криминал.

„Се споменуваат фамозните 60 милиони, кои на крај излегоа дека се 55 милиони, а тоа е износот на нефункционалните кредити кои се во билансот на банката на денот на отварањето на стечајот“, рече Петковски нагласувајќи дека ниту една банка не ги чуваа парите во сеф, туку работи со нив и ги пласира како кредити. Тој смета дека депонентите на банката може да очекуваат да наплатат во стечајната постапка најмалку 80 отсто од побарувањата. Од 55-те милиони евра, најмалку 6- 7 милиони се кредити кои не доцнат воопшто, но се третираат како нефукционални заради преструктуирањето.

Костовски во дебатата го обвини Петковски дека е главниот виновник за натрупувањето на нефункционални кредити, на што овој возврати дека кредитите биле одобрувани во согласност со Надзорниот и Кредитниот одбор, во кои клучните места ги имале таткото и синот Костовски. (Н.В.)