Шпанија подготвена да донира 50 милиони вакцини на сиромашните земји
Шпанија, во која досега е вакцинирано 78,5 отсто од населението, вети дека ќе донира 50 милиони вакцини против Ковид-19 на сиромашните земји во светот, што е 20 милиони повеќе од претходно најавеното.
Шпанскиот премиер Педро Санчез од Рим, каде викендов се одржа состанок на групата Г20, порача дека вакцините ќе бидат испорачани во период од јануари до март 2022 година.
Потребно е да се зголеми производството на вакцини
„Тие донации нема да бидат доволни. Потребно е да се зголеми производството на вакцини во светот и да се пронајдат решенија за нивното патентирање“, изјави Санчез.
Шпанија во септември во рамки на глобалната програма Ковакс најави донација од 30 милиони вакцини главно за земјите од Јужна Америка.
Во Шпанија истовремено се вакцинираа 37,3 милиони од вкупно 47 милиони жители, па тамошната влада го исполни планот за масовна вакцинација. Меѓу популацијата постара од 12 години со две дози вакцинирани се 88 отсто од жителите.
100 дена вонредна состојба
Оваа земја лани беше една од најпогодените од пандемијата од корона вирус во Европа, па жителите беа затворени во своите станови и куќи околу 100 дена во текот на вонредната состојба.
Откако на 27 декември почна вакцинацијата во Европската унија, илјадници граѓани беспоговорно ги засукаа ракавите за да примат вакцина.
Првите милион Шпанци беа вакцинирани до 12 февруари.