Шолц и Лајен притискаат да се укине консензусот во ЕУ за надворешната политика

Со блокадата на Унгарија на санкциите за Русија, како и ветото на Бугарија за Македонија се поткопува европската политика поради себични интереси


 

Според сите најави, европскиот самит на 23 и 24 јуни ќе биде значаен не само поради прашањето за проширувањето на ЕУ, можниот кандидатски статус за Украина и Молдавија, можниот датум за почеток на преговорите со Македонија и Албанија, туку и поради тоа што на масата ќе се расправа за укинување на едногласноста во одлуките за надворешната политика на ЕУ.

Има повеќе причини за тоа – двете најсилни во моментов се: постојаната блокада на Унгарија на разни пакети на санкции против Русија (последното вето е за даночниот систем во ЕУ), како и бугарското вето за Македонија и Албанија, кое ја поткопува целата европска политика во регионот.

Германија ги поставува големите реформи во Европската унија како услов за прием на Украина и други нови членки во заедницата. „Пред една држава да може да се приклучи, ЕУ ќе мора дополнително да се развива“, рече владата во Берлин. И нагласи дека сега ЕУ „понекогаш не е способна да дејствува како што би сакале да биде во процесите на донесување одлуки“.

Канцеларот Олаф Шолц за време на викендот повика на „модернизација на структурите и процесите на одлучување“ во ЕУ и го повтори барањето за одлуки со мнозинство во надворешната политика.

На самитот на ЕУ, објавија од Берлин, канцеларот Шолц ќе работи на тоа Украина и Молдавија да добијат статус на кандидати за ЕУ и ќе притисне за почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија.

Министерот за владата во германскиот кабинет, Волфганг Шмит, во понеделникот во настапот во Европскиот совет за надворешни работи во Берлин, отиде и чекор понатаму претставувајќи ги дополнителните желби на владината коалиција. Германија сака во иднина да биде претставена со повеќе пратеници во Европскиот парламент. Но не само тоа – туку да се направи и прераспределба на тежината при гласањето во Советот на ЕУ, каде што се носат одлуките за надворешната политика. Германија, која е најголема земја во ЕУ со 83 милиони жители, има 96 места во Европскиот парламент, додека Малта со само 500.000 жители има шест места. Големата диспропорционалност е очигледна, но таа беше воведена порано за да се спречи маргинализирањето на помалите земји членки.

Владата во Берлин сака да го ублажи овој ефект барем во Советот на ЕУ и во своите барања се повикува на Копенхашките критериуми кои ЕУ во 1993 година ги дефинираше како услови за пристапување на нови членки. Според нив, кандидатите мора да одговараат на стандардот на ЕУ политички, економски и во нивното законодавство. Друг критериум е капацитетот на ЕУ за апсорпција. „Ние само го наведуваме очигледното“, рече еден од советниците на канцеларот. Тоа значи дека пристапувањето на земјите кандидати е многу забавено поради внатрешни конфликти во ЕУ, дури и ако нивните сопствени реформи се успешни. Македонскиот пример е веројатно најдобриот образец за ова германско тврдење.

Исто во понеделникот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во разговорот со мала група новинари рече дека ЕУ мора да биде способна да реагира побрзо на геополитичките случувања и треба да стави крај на барањето за едногласност во надворешно-политичките одлуки.

„Во надворешните работи навистина мораме да преминеме на гласање со квалификувано мнозинство“, рече Фон дер Лајен во интервјуто пред самитот на Европскиот совет оваа недела.

Во минатото, ЕУ се соочуваше со мачни – и срамни – одложувања на главните одлуки поради противењето на една земја-членка. Понекогаш, таквото спротивставување не се однесуваше ни на непосредното прашање за кое се разговара, туку повеќе одразуваше желба да се искористи барањето за едногласност како потпора за да се принуди ЕУ на акција за некоја друга тема. Во еден случај, Кипар ги одложи санкциите на ЕУ против Белорусија со месеци поради загриженоста во Никозија за прашањата поврзани со Турција.

На прашањето што може да промени ЕУ при одлучувањето за проширувањето Фон дер Лајен призна дека таква голема промена во одлучувањето во ЕУ, дури и само за надворешната политика, ќе биде тешко да се постигне. Но дека таа се залага за тоа.

Во случајот со надворешните работи, Фон дер Лајен рече дека дошла до цврст личен заклучок дека барањето за едногласност не е одржливо.

„За надворешните работи, јас сум длабоко убедена дека тоа не е одржливо, дека Европската унија не е во состојба да заземе позиција поради блокада од една земја на критичните досиеја“, рече таа.

„И брзината со која се случуваат работите… светот сака да го слушне европскиот глас. Брзината е преголема за постојано, или премногу често, да не биде слушнат и виден, поради блокирањето на една земја. Затоа, навистина сум убедена дека ни треба гласање со квалификувано мнозинство“, ги пренесува нејзините зборови „Политико“.

Властите во многу држави се чувствуваат фрустрирачки затоа што често целата Унија се зема за заложник поради интересите на само една земја-членка.

Но на патот да се стигне до промена во одлучувањето и излегување од едногласноста се испречува класичната „квака 22“. И за таква одлука е потребна едногласност. А многу земји имаат резерви за одредени области. Холандија, на пример, се согласува да остане консензусот во само неколку лимитирани области во надворешната политика. Но бара едногласноста да остане во фискалната политика, за да „не се исфрли бебето заедно со водата за капење“, како што рече министерката за финансии Сигрид Кааг во петокот. Франција бара да се напушти принципот на едногласност при прашањето на даноците.

Дали оваа дебата ќе забрза нешто за да се промени процесот на одлучување во ЕУ? Можеби. Затоа што настаните со руската инвазија на Украина ја доведоа во прашање одбраната и економијата на Унијата, а и нејзиното влијание во регионот на Западен Балкан. Бугарија, поради нејзината опседнатост со историјата и себичните интереси го блокира почетокот на преговорите со Македонија и Албанија нанесувајќи му апсолутна штета на целиот европски проект во регионот. И тоа само заради своите интереси, наспроти интересите на другите 26 земји.