САД соопштија дека случајно убиле цивил за време на напад со дрон во Сирија


Американската војска соопшти дека случајно убила цивил во напад со дрон во Сирија пред околу една година, пренесе ДПА.

Вистинската цел на нападот на 3 мај 2023 година во северозападна Сирија беше да се убие висок лидер на терористичката милиција Ал Каеда, соопшти денеска американската Централна команда (CENTCOM).

Меѓутоа, внатрешната истрага откри дека целта била погрешно идентификувана и наместо тоа, бил убиен цивил.

„Вашингтон пост“ прв објави минатата година дека има сомнежи за исходот од операцијата за убиство на водач на милитантите.

Весникот објави дека цивилот бил 56-годишен овчар кој ги чувал своите овци во рурална област кога бил цел на вооружен дрон. Тој бил единствената жртва, заедно со неколку негови овци.

– Она што можеме да го споделиме е дека истрагата заклучи дека нападот бил спроведен во согласност со законот за вооружен конфликт, како и со политиките на Министерството за одбрана и CENTCOM. Сепак, истрагата откри неколку прашања што може да се подобрат, се вели во соопштението.

– Ние сме посветени да учиме од овој инцидент и да ги подобриме нашите процеси на таргетирање за да ја ублажиме потенцијалната цивилна штета, се додава во текстот.