Европската унија му дава една милијарда евра на Либан за да го спречи доаѓањето на бегалците


Европската унија ќе обезбеди една милијарда евра финансиска помош за Либан во период од три години, со цел да го стимулира економскиот развој на земјата и да помогне да се намали бројот на бегалци кои заминуваат во Европа.

Ова го соопшти претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по средбата со либанскиот премиер Наџиб Микати и кипарскиот претседател Никос Христодулидес во либанската престолнина.

„Финансискиот пакет, кој целосно се состои од грантови, ќе му помогне на Либан да ги зајакне основните услуги како што се образованието, социјалната заштита и здравството и ќе ги поттикне економските реформи во земјата погодена од кризата“, рече фон дер Лајен.

Приближно 736 милиони евра ќе бидат посебно наменети за помош на Либан да се справи со предизвиците со кои се соочува при приемот на сириските бегалци.

Околу 210.000 палестински и 1,5 милиони сириски бегалци живеат во Либан, што предизвикува стравувања дека регионалната нестабилност може да предизвика бран мигранти кон Европа.

Фон дер Лајен предложи работен аранжман меѓу Либан и граничната агенција на ЕУ – Фронтекс.