Широк Сокак како фолклорна сцена: Битола ги живее највеселите моменти во годината со „Илинденски денови“
Годинава дојдоа 1.300 гости од Македонија, Полска, Мексико, Хрватска, Индонезија, Грузија... и за првпат од Швајцарија

БИТОЛА – Широк Сокак е како сцена на светскиот фолклор и ги живее највеселите мигови од годината со играорци и музичари од целиот свет, учесници на Фестивалот „Илинденски денови“. Оваа фолклорна сцена пулсира и дење и ноќе по Широк Сокак, а завршува на сцената на платото на велелепниот Офицерски дом. Со еден збор кажано – Битола има што да покаже и што да им понуди на светскиот фолклор, тргнувајќи од најпрепознатливиот белег – дефилето со песни и игри низ битолските улици на чело со „Комитското“, фестивалот никого не остава рамнодушен.
Иако никој со точност не може да каже колку гости и туристи од државата и светот овие денови се во Битола за да уживаат во фолклорот на 55. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“, едно е јасно дека „градот врие од убави луѓе“, велат битолчани.
Почнувајќи од Плоштадот Магнолија, па вдолж Широк Сокак нема место што не е сцена на отворено и на која игроорци од сите страни на светот не го прикажуваат својот фолклор, обичаите, носијата, играта, орото, музиката, обредите…
Со сите бои на народната носија сликите од Широк Сокак се исклучително колоритни, а музиката привлекува со секоја нота, па дури и кога ќе се пресретнат на миг звуците на тапанот, зурлите и ороводецот на „пајдушкото“, со виолината, гитарата и трубата на мексиканските маријачи облечени со елегантна и украсена облека на отмени каубои.
Битолчани си го пијат кафето, првото, второто, третото…пред нив се вијат ора, се свири и се пее, а аплаузите од кафеџиите и минувачите не се изнудени туку напротив заслужени, за вложената енергија, за убавите насмевки на личните моми и момци, радостите што ги шират фолклористите.
Сцената за миг, дење, се префрла и во Старата битолската чаршија, каде на секоја ширинка се вијат ора, се игра и се пее, а пазарџиите не брзаат да се сокријат од јаркото пладневно сонце туку покажуваат емпатија кон игроорците кои вешто и моќно ја носат тежината на народната носија и украсите, па велат кога можат игроорците да играа со носија на горештините, можеме и ние да стоиме и да аплаудираме на заслуженото.
Фестивалскиот караван замина и за Општина Новаци, каде во срцето на Пелагонија се уживаше во енергичниот фолклор на Индонезија, Грузија и Мексико.
Во Битола не се манифестира само фолклорот туку сето ова добива и една друга димензија кога се знае дека младите од Битола и гостите од светот, учат за различностите на фолклорот, за посебностите на играта и орото на „Илинденски денови“. Во едни вакви денови се одржуваат интензивни работилници за традиционална музика, песна и игра и тие привлекуваат ученици од сите генерации.
Под водство на стручни педагози и етнокореолози, учесниците – млади фолклористи, имаа можност да ја доживеат традицијата не само на сцена, туку како жив процес на учење. Седнати под сенките на Центарот за култура, ученици од сите генерации љубопитно ги учат основните форми на индонезискиот фолклор и за миг да ѕирнат во ритуалниот, елегантен и симболичен свет на светски познатите танци.
„Ова е суштината на фестивалот ‘Илинденски денови’ – не само да гледаме, туку и да учиме. Да разменуваме знаења, гестови и традиции. Зашто токму преку вакви живи едукации, ја градиме иднината што не заборава од каде тргнала. Овие работилници не се само едукативен процес – тие се живи архиви, отворени училници на нематеријалната културна меморија.“, велат организаторите.
Сликите кои овие денови се шират од Битола, помешани со групите странски туристи, со нашинците кои во голем број се дојдени во родниот крај и кои љубопитно го следат секој чекор на фолклористите особено од Македонија, даваат одек за Битола на познатите светски туристички дестинации.
Фестивалот „Илинденски денови“, е формиран пред повеќе од половина век како културно ехо, како смотра на фолклорот, најпрво во национални граници, а со текот на времето и во светски рамки, каде овде во Битола, несебично се прикажува убавината и богатството на народните традиции од целиот свет. Годинава дојдоа 1.300 гости од Македонија, Полска, Мексико, Хрватска, Индонезија, Грузија… и за првпат од Швајцарија.
„Битола докажа дека е градот што промовира дух на пријателство, заедништво, прифаќање на разликите, љубов“, порачуваат организаторите пред утрешното свечено затворање на фестивалот.