Широк Сокак доби ново лице: Битола ја оживеа иднината со технологија


 
На Широк Сокак се вперени сите погледи, и тоа во нешто што Битола  досега не го видела – иднината која буквално „оживува“ пред очите.

Наместо класични фотографии во излозите, најпознатата битолска улица стана сцена за технологија од 21 век. Студенти, професори, деканот и ректорот на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола се појавија како реалистични тродимензионални холограми преку современа Holobox технологија.

Овој впечатлив проект е целосна реализација на компанијата MIKRODEL и тимот на битолчанецот Димче Поповски, како подарок за Факултетот за информатички и комуникациски технологии. Со оваа иницијатива, MIKRODEL уште еднаш покажува дека знаењето, технологијата и визијата создадени од Битола можат да имаат светски карактер.

„Технологијата сама по себе не е иднината, иднината е во луѓето кои знаат да ја искористат за да создадат нешто ново. Нашата цел не беше само да поставиме еден уред на Широк Сокак, туку да поставиме идеја дека и од Битола можат да тргнат решенија кои ќе изгледаат природно и во најсовремените светски средини. Ако некогаш велевме дека светот доаѓа кај нас, сега можеме да кажеме дека и ние испраќаме дел од нашата визија кон светот“, вели Димче Поповски.

Во 2019 година компанијата MIKRODEL е формирана во Берлин, Германија, со јасна цел – развој на современи дигитални технологии кои го поврзуваат просторот, комуникацијата и новите начини на презентација.

Денес MIKRODEL работи во областа на Digital Signage технологиите, LED системите и холограмските решенија, а преку овој проект дел од таа светска визија се враќа токму во Битола.

Во реализацијата се вклучи и академската заедница: проектот е реализиран во соработка со студентите и професорите од Факултетот за информатички и комуникациски технологии при УКЛО, кои активно учествуваа во создавањето на ова современо технолошко решение. Иницијатор на концептот е професорот Никола Рендевски, а проектот претставува пример како академијата и реалниот сектор можат заеднички да создаваат иновации со практична примена.

„Учеството во развојот на холограмската промоција е одлична можност стекнатите знаења од наставата да ги примениме во реален проект. Работата со професорите и со инженерите од МИКРОДЕЛ ни овозможи да стекнеме практично искуство и нови вештини“, истакнува Валентин Стојановски, еден од студентите вклучени во проектот.

Деканот на ФИКТ, проф. д-р Благој Ристевски, нагласува дека ваквите иницијативи ја потврдуваат определбата на Факултетот за современи технологии и иновативни пристапи во наставата и промоцијата.

„Преку партнерство со компаниите можеме да создадеме уникатни решенија кои ја зголемуваат препознатливоста на ФИКТ и УКЛО и дополнително ги мотивираат идните студенти“, посочува проф. д-р Ристевски.