Шилегов за „Независен“: Скопје ќе се шири на север
Нов изглед на центарот, ново менаџирање на „Дрисла“, што ќе носи и пари и почист воздух, отстранување на фонтаните од Вардар, ново сообраќајно решение – и други проекти најавува градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во интервјуто за „Независен“.
Како ќе се одбележи годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје?
Нема да правиме посебен настан како лани, кога се навршија 55 години од катастрофалниот земјотрес. Годинава ќе имаме поскромно одбележување на годишнината, но со ништо не го намалуваме значењето на трагедијата. Во утринските часови ќе одиме на градските гробишта каде што градските институции и јас како градоначалник ќе положиме цвеќе на гробовите на жртвите од земјотресот. По тој повод, во рамките на „Самрленд“, Влатко Стефановски, кој е еден од најистакнатите скопјани во последните децении, ќе има свој настап.
Старата железничка станица остана како споменик на катастрофата. Фирмата „Лимак“, која гради огромен комплекс зад неа и треба да пробие подземен булевар, е обврзана да го среди и овој објект. Што значи тоа?
Проектот на „Лимак“ е проект што го наследивме и е врзан со договор што Градот и Општина Центар го имаат со инвеститорот. За мене беше императив во фазата на отпочнување на градежните работи да се обезбеди од евентуално оштетување остатокот од Старата железничка станица, уште повеќе што таму се наоѓа Музејот на Град Скопје. Она што барав од инвеститорот е да се извршат најпрво заштитни работи околу објектот, за да не дојде до негово понатамошно оштетување, и тој ќе биде и ќе остане доволно видлив и доволно впечатлив да продолжи да биде симбол на градот од една страна и потсетник на трагедијата од друга страна.
Објектите што сега се прават во комплексот „Лимак“ не се во делот на подземниот булевар. Таму се гради хотел, кој никогаш не бил дел од проектот на „Лимак“. Земјените работи за пробивање на подземна сообраќајница се во тек, затоа што самата сообраќајница е основа на проектот. Она што го гледаме во моментот, што се одвива како градежна работа, не е воопшто дел од тој комплекс и не е воопшто објект што се наоѓа над подземната сообраќајница.
Најавивте неколку амбициозни проекти за решавање на сообраќајниот метеж во Скопје. Нема ли центарот на градот со години да биде блокиран сообраќајно при изведба на патот што треба да поминува над булеварот „Климент Охридски“?
Во моментот се работи на проектирање на тунелите под Калето. Градот на почеток на јуни годинава го потпиша договорот за проектирање и очекувам некаде кај Нова година да биде готов. Тунелите се битни за нашиот град. Ова е проект за кој е потребна финансиска помош бидејќи е фундаментален ако сакате да развивате стратегија на град. Ние имаме само една директна врска север-југ во Скопје и таа, условно, не оди до крај. Оди преку Јаја Паша, преку Бит-пазар и завршува некаде во централното градско подрачје, меѓутоа не го пробива коридорот и не го поврзува Водно. Овој нов коридор е директно поврзување на Водно со крајните северни точки на нашиот град бидејќи станува збор за продолжување на булеварот „Климент Охридски“, што проаѓа покрај Владата и сега завршува на паркинг, со мост преку реката каде што ќе има нагорнина, за вијадукт над улицата „Лазар Личеновски“, за некаде во делот на Музеј на современа уметност да влезе под ридот, а да излезе на крстосницата на Пластичарска, не кај Американската амбасада, туку подолу, на висина од девет метри со цел таа крстосница да се премости. Таа е северната магистрала и е брза сообраќајница, што не би требало да има вкрстувања со помали улици. Како булеварско решение завршува кај стара Циглана, сега до кај „Порше“. Всушност, вие ќе добиете булеварско решение, современа сообраќајница од крајните точки на северниот дел на градот. Таму веќе работиме на „Босна и Херцеговина“ и така ќе почнеме да го завршуваме поврзувањето север-југ, кое е насушна потреба на градот.
До кога градот непланирано ќе се населува? Не може ли да се донесе некоја стратегија како во Љубљана, каде што е ограничено населувањето?
Лажна е дилемата дека во Љубљана постои некаква административна забрана за населување. Меѓутоа, добрите политики што ги има водено словенечката држава, кои мора да ги пресликуваме полека и кај нас, се дека дозволувате доволно економски развој надвор од главниот град и граѓаните едноставно немаат потреба да се сконцентрираат тука. Кај нас во Македонија, за жал, сосема обратно се креираа политиките во последниве триесетина години. Полека почнуваме да живееме со тие последици бидејќи луѓето барајќи подобар живот, немајќи економски потенцијали во местото на сопственото раѓање, доаѓаат во Скопје. Тоа прави притисок на урбанизацијата, на градбите, потоа прави сериозен притисок на комуналните сфери, на несоодветна инфраструктура што градот, за жал, не ја развивал паралелно со таквите доселувања. Пак доаѓате до точка што е пресудна – морате да направите развој на Скопје, меѓутоа тој мора да се балансира со економски развој на остатокот од државата, за развојот на Скопје да не провоцира нови механички приливи. Моја сериозна обврска, надвор од дневните теми што ги решаваме, е да го предвидам развојот на овој град за следните 30 години.
Што подразбира тоа?
Од аспект на развојот овој град, кој сега брои околу 550.000 жители, во наредните 30 години, што поради физички, што поради механички прилив ќе биде град од околу 800.000 жители. Вие морате, едноставно, да креирате простор во кој градот ќе се развива во иднина. Тоа не можеме да го правиме во постојните урбани јадра на градот. За жал, урбанистичкиот хаос нас ни се случи поради немањето визија за нашиот град. Ако градот соодветно реагирал или провоцирал развој на одредени места, тогаш немаше да ни се случи ни Дебар Маало, ни Кисела Вода претходно, ни зачетоци на она што ни се случи во Карпош, а сега е стопирано… Е, тоа е причината поради која јас во стратегијата на нашиот град одлучив дека тоа е можно на север. И тоа е единственото слободно место каде што ќе може да креирате квалитетни места за живеење за луѓето што ќе дојдат да живеат тука од една страна, а од друга страна ќе го намалите притисокот за градење во постојните урбани средини и нема да ја уништувате природната животна околина. Бидејќи нашата животна околина не се само нашите куќи и станови, туку и околината што е сериозно оштетена во изминативе триесетина години, токму поради тоа што градот го воделе луѓе кои немале визија како треба. Затоа сметам дека е моја обврска да му дадеме шанса во оние делови што се заштитени и имаме каков-таков живот, да му дадеме шанса да се развие на нови места каде што, исто така, ќе развиеме можност за квалитетен живот, без при тоа да уништиме нешто околу нас. Затоа ни е потребен овој развој север-југ, затоа ни се потребни булеварите што градот во овој момент ги гради во северниот дел на Скопје. Се работи на проектирањето и на Пластичарска и на клучката која е главен проблем, онаа ‘Т’ крстосница кај касарната „Илинден“ за која има добро решение што го имаме наследено. Во текот на наредната година да почнеме да го развиваме и тој дел со цел поврзувањето на булеварот „Словенија“ и на булеварот „Босна и Херцеговина“ со тунелите да овозможи еден непречен проток на сообраќајот.
Што е со споменикот на Мајка Тереза…
Таму се стопирани активностите. Се работат студии и анализи и тендерски документации. Улицата „Орце Николов“, која е затворена со недовршениот споменик на Мајка Тереза, во текот на наредната година ќе биде отворена и ќе биде природен слив во градскиот плоштад.
Фонтаните во Вардар не се во функција, а стои инсталацијата…
Тие се во дефект. Веќе се работи интензивно на отстранување на фундаментите што беа поставени за панорамското тркало, како и на околните диви острови што сега се наоѓаат околу фонтаните што не ги опслужуваат. Така што нема да останат, нефункционални се. Треба да ја отстраниме целата таа инсталација.
Гасоводот што оди преку Водно наиде на отпор кај еколошките здруженија. Кога тој систем ќе почне да навлегува во градот, нема ли повторно да се прекопуваат улици кои летниов период интензивно се реновираат?
Можеби најлоша работа за еден градоначалник е кога работиме нешто под земја. Го нарушувате секојдневието на граѓаните од една страна, од друга страна никој не гледа дека нешто се случува. Меѓутоа, малкумина можеби забележаа дека ние го променивме Правилникот за работа. Моја цел лани беше да се затвори таканаречениот гасоводен прстен околу нашиот град и тоа го завршуваме. Сега сме до фаза на терестријална гасификација, односно гасот да стигне до потрошувачите на мало. Тоа нема да бара прекоп на улици, туку можеби само на некои мали улички, а тоа не се однесува на главните градски улици. Така, пред да почнеме со реконструкцијата на „Партизанска“ ја затворивме два дена и ги поставивме цевките за гасовод. Можеби звучи малку чудно, но мојот начин на работа е поинаков од она што било навика. Ние го сменивме и Правилникот со кој воведовме правило три години да не се прекопува реконструирана улица. Се обративме до сите фирми кои се сопственици на подземни инсталации, водоводна мрежа, канализациска, топлинска, кабли и по повратните информации што ги добивме ги планиравме нашите активности за реконструкција на сообраќајниците. Навистина не мислам дека е во ред да реконструирате улица, а потоа да се прекопа. Гревота е. Освен ако се случи дефект.
Депонијата „Дрисла“ е под надлежност на Градот. Неколкупати потенцирате дека градот губи по 120.000 евра месечно само на селекција на отпад. Како планирате да ја воведете селекцијата и како дојдовте до таа пресметка?
„Дрисла“ е рак-рана на Градот, затоа што постапката што била водена била проблематична. За да донесеме правилна одлука, треба да видиме што се случувало таму последниве осум години, и во смисла на поставеност, и во финансиска и секаква смисла. Дали ќе можеме да влеземе сами како Град или со средствата што ги генерира „Дрисла“ како субјект да направиме сериозна депонија или, пак, ќе ни биде потребна помош од инвеститор… Во услови на сменета технологија и на сменет закон, едноставно ќе беше неодговорно од мене и од Советот на Град Скопје да не ја искористиме можноста што ни се пружи со несклучувањето договор со „Шолц“ за да го извадиме градот од правниот лавиринт. Градот повторно имаше можност да го избере „ФЦЛ амбиенте“, но по искуството што го имавме последните осум години, едноставно не можев да го дозволам тоа и да мислиме дека е релевантен потенцијален партнер. Одлуката на Советот беше без правни ризици да ја вратиме „Дрисла“ во прегратките на Градот со цел да можеме да креираме сосема нова стратегија. Губиме на отпадот многу, губиме затоа што немаме селекција на отпад. Само на селекцијата на пластика губиме 120.000 евра месечно или годишно околу милион и пол евра. Приватниот инвеститор требаше да купи сепаратерка во „Дрисла“.
Колку чини таа сепаратерка?
Некаде три до четири милиони евра. Ако можеме сами да го изведеме тоа, зошто да даваме пари на кој било инвеститор. Ѓубрето секаде е енергија, освен во Скопје. Целокупната инвестиција треба да биде околу 80 милиони евра. Толку време сме изгубиле, понекогаш ми е мака. Би можеле средствата што ги плаќаме за услуги, едноставно да ги рефундираме од струјата од „Дрисла“.
Загадувањето на воздухот е болна точка на градот. Што преземате да се намали оваа зима?
Секогаш кога е загадувањето во прашање сметам дека не треба да се оди на инстант решенија. Градот во изминативе година и пол презеде околу триесетина мерки што не се решавање на проблемот, но помагаат во деновите на критичното загадување. Лично сум задоволен што градот има креирано енергетска стратегија. Го основавме Градски енергетски системи, односно ГЕС и ја завршивме легализацијата на топловодните мрежи, што порано не се случило. За жал, топловодната мрежа на градскиот систем не била внесена во катастарот што е апсурд. Денеска бев на состанок во Владата, бидејќи мрежата и инсталациите де факто се сопственост на државата, за да го разгледаме проблемот. Мене ми е идејата целата мрежа или нејзини делови да ги преземе градот и да ги сведе во рамки на ГЕС, со цел градот да биде овластен дистрибутер на топлинска енергија. Тоа значи дека Градот ќе може да креира енергетска политика и да биде фактор на пазарот, но заради постоењето на таа фирма да нуди низа поволности за граѓаните и кон социјално загрозените за приклучување на топловодниот систем бидејќи тој е најеколошки и најевтин начин за затоплување на домовите. Ова го работевме минатава година и пол затоа што 70-ина илјади домаќинства со нашиот град се надвор од таканаречен организиран систем за затоплување. Во моментов во ГЕС имаме добра екипа на проектанти кои го цртаат идниот развој на мрежата. Очекувам дека до крајот на август Владата ќе може да ја пренесе целата или дел од мрежата на Градот Скопје, па Градот да покрене постапка за добивање лиценца пред регулаторна комисија и конечно да почнеме да го дефинираме затоплувањето на домовите како главен генератор на загаден воздух.
И целокупниот систем на нов јавен превоз е завршен од страна на Градот и чека финансирање од Владата. Дали тоа ќе биде со финансирање на трамвај или друг начин на јавен транспорт, тоа е дел од анализите што се прават во моментов. Ако успееме да се убедиме до крај, затоа што Скопје има само шеесетина милиони евра буџет и не може сам да ги поднесе сите трошоци. Ако влеземе во таков договор, тогаш ќе имаме целосно нов концепт на јавен превоз со затворен центар за сообраќај, со автобуси на секои четири и пол или пет и пол минути на станица. Со засилениот инспекциски надзор, тоа се трите елементи што треба да придонесат за намалување на загадувањето. Сè друго е на ниво на шпекулации.
Како претседател на ЗЕЛС, како ја коментирате одлуката на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, да ѝ ги префрли надлежностите во делот на урбанизацијата на Владата?
ЗЕЛС не е асоцијација што може да нареди како да се однесува еден градоначалник. Кои се мотивите на градоначалникот на Струга да ги пренесе надлежностите на Владата е прашање што може да го одговори само тој. Зошто Општина Струга нема капацитет да ги спроведе препораките на УНЕСКО, за да ги пренесе надлежностите на Владата, навистина не знам.
Најавивте нов изглед за центарот. Фасадите на повеќе згради останаа необновени. Каква е замислата?
Во првата година од мојот мандат имаше сериозни критики за тоа дека Шилегов ништо не работи. Тоа беше последица на тоа што како градоначалник на Скопје, која е сериозна работа, не треба да бидете брзоплет. На крајот на денот, не треба секогаш да реагирате на критики какви и да се тие. Мојата идеја беше дека визијата за Скопје, на која работам, ќе почнеме да ја ставаме на документи. Оваа година сме сериозно повидливи, затоа што ја завршивме стратегија на планирање на градот. Сега работиме на плановите за градот за наредната година. Веќе се работи, отсега ги спремаме работите што ќе се случуваат следната година. Есенва градот ќе добие нов добро уреден плочник на високо европско ниво од излезот на ГТЦ кон „Порта Македонија“ околу „Лумикс“, кој е со асфалт во очајна состојба. Јас очекувам до крајот на октомври тоа да биде средено. Можам да ви најавам дека во текот на наредната година центарот на Скопје ќе биде затворен за сообраќај. Сосема поинаку ќе се одвива работата во централното градско подрачје, а тоа ги вклучува и неколкуте објекти што немаат сменети фасади. Есенва и тие ќе бидат предмет на работа, но претпочитам секогаш да започнат да се реализираат работите, па потоа да зборуваме за нив. Да, во тоа што го работиме во моментов за 2020 година, ќе биде целосното преуредување на централното градско подрачје што ќе ги опфати и двете згради кои успеавме да ги спасиме од проектот „Скопје 2014“.
Ќе се вклопат ли некако со останатите згради или ќе биде шаренило?
Станува збор за тоа какво е автентичното Скопје. Она што мене ми пречи е дека Скопје, какво што сега го гледаме, никогаш не постоело. Центарот на Скопје беше егземплар на модерната архитектура и тоа е нешто што го загубивме, па барем на овие два објекта (зградата на „Пелагонија“ и таа до неа), кои исто така беа репрезенти на модерната, ќе се потрудиме да ја заштитиме нивната автентичност.
Билјана Богдановска
Фото: Борис Грданоски