Шилегов во Брисел бараше поддршка за локалните власти да имаат главна улога во развојот
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, како претседател на ЗЕЛС и НАЛАС, е во дводневна работа посета на Брисел и учествува на дводневниот заеднички консултативен состанок на Комитетот на регионите од Република Северна Македонија со Комитетот на региони на Европската Унија, на кој главна тема е улогата на локалните власти во процесот на интегрирање на земјата во ЕУ, информираат од Град Скопје.
На овој состанок, Шилегов како нова вредност го истакнал силното лобирање на ЗЕЛС пред централната власт, особено за зајакнување на финансиската самостојност на општините.
– ЗЕЛС се залага за зголемување на приходите за општините од данокот на додадена вредност од 4,5 на десет отсто, на средствата од персоналниот данок од скромните три на 50 насто, за обезбедување доволно средства од дотациите од централниот буџет, рече Шилегов.
Како што информираат од Град Скопје, за време на официјалната посета, Шилегов имал обраќање на пленарната сесија на „Денот на проширувањето“, настан на кој присуствуваат сите земји членки на Комитетот на региони на Европската Унија, на тема „Пари преку вредности? Дали подобреното управување води кон локален социо-економски развој“.
– Како градоначалник на Скопје и претседател на НАЛАС и ЗЕЛС, би сакал да го поканам Комитетот на региони да ги здружи своите напори и да побара од институциите на ЕУ и владите од Западен Балкан да обезбедат рамковни услови кои ќе им овозможат на локалните власти да имаат водечка улога во развојот „од долу нагоре“, изјави Шилегов во обраќањето на пленарната сесија.
Во тој контекст, Шилегов во своето обраќање ги сумирал резултатите од внатрешниот извештај на Регионалната опсерваторија за децентрализација на НАЛАС (RDO), ги презентирал заклучоците од седмиот извештај за фискална децентрализација на НАЛАС и предложил препораки кои може да помогнат во подобрување на управувањето преку финансии од ЕУ и да доведат до локален социо-економски развој во регионот, се наведува во соопштението од Град Скопје.