Шилегов: Скопје ќе биде град без сообраќаен метеж
Со решенијата кои ги нуди, градоначалникот Петре Шилегов, убеден е дека ќе обезбеди поквалитетен и поздрав живот за скопјани, град без сообраќаен метеж и го решава проблемот со урбанизмот со носењето на новиот ГУП во 2022 година.
„Прво, Скопје до 2024 ќе биде град без сообраќаен метежи бидејќи ги завршуваме сите стратешки сообраќајни решенија кои 40 години биле запоставени. Со пробивање на булеварот АСНОМ и мостот Михајло Апостолски, сите кои патуваат од Аеродром до Карпош ќе го заобиколуваат центарот на градот по нова сообраќајна артерија. Со пробивање на тунелите под Лимак ја пробиваме другата артерија и сите кои патуваат од Кисела Вода и Драчево односно по јужната страна ќе го заобиколуваат центарот на градот. Со ова, ја отвораме можноста центарот да биде затворен за автомобили и да поминува само БРТ системот кој треба да е готов со 2024. Со комплетирање на овој мастер сообраќаен план Скопје ја добива најголемата пешачка зона од сите европски градови и сосема нов лик и начин на живеење“, изјави градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција.
Од 2024 година Скопје треба да добие брз, еколошки и целосно нов јавен транспорт, со БРТ системот како решение кое е одобрено и веќе финансирано од ЕБРД, решение кое е прогласено за најеколошкиот начин и најефикасниот систем за превоз на патници од страна на Европската банка за развој.
„Со воведување на Бас рапид транзит системот, скопјани од Ново лисиче до Ѓорче Петров ќе стигаат за само 35 минути. На секои 3,5 минути ќе имаат превоз на станиците кој никогаш не доцни. Ова е вистинско решавање на транспортот во Скопје и стратегија за транспорт, а не ветувањата на за нови автобуси кои нема воопшто да го сменат начинот на јавен транспорт во Скопје“, истакна Шилегов.
Нагласи и дека Скопје за само четири години го намали загадувањето од просечни 71 микрограм на метар кубен на 40 микрограми.
„Ова е резултат на јасната и ефикасна стратегија на градот за борба со овој проблем. Во следните четири години стратегијата која функционираше нема да ја менуваме туку ќе ја унапредиме но и дополнително ќе ги завршиме стратешките инвестиции во затоплувањето. Во следните 4 години издвојуваме 4 милиони евра за клими инвертери и замена на стари нееколошки печки кои сè уште ги имаме. За само четири години изгасивме 8.000 оџаци токму преку ваквите субвенции и со овие мерки продолжуваме бидејќи дадоа видлив резултат. Ќе субвенционираме 30.000 велосипеди во следните 4 години бидејќи граѓаните ги менуваат навиките и почнуваат да користат еколошки транспорт. Со изградените преку 115 км велопатеки, скопјани може да се движат безбедно и брзо со алтернативен транспорт. Ако на ова го додадеме и еколошкиот јавен превоз, за четири години Скопје ќе биде еколошки, чист и зелен град“, потенцира Шилегов.
Вети дека до 2022 годинаСкопје конечно ќе добие нов, квалитетно подготвен ГУП кој веќе се работи.
„Со новиот ГУП, ја селиме тешката индустрија надвор од градот, долг и тежок процес кој мора да го започне. Со новиот ГУП го урбанизираме северниот дел на Скопје и целосно го селиме градежниот фокус надвор од центарот на градот. Ова е клучот да го растеретиме централното градско подрачје од градежен притисок и да го развиваме градот. Со квалитетно донесен ГУП на кој работат сите експерти од оваа област и со вклучување на граѓаните во неговото носење, Скопје во следните десет години загарантирано квалитетно ќе се развива со фокус на заштита на јавните површини и креирање на многу нов јавен простор, зеленило и паркови“, кажа градоначалникот Шилегов.