Шилегов: Паднаа маските, а не мнозинството во Советот


Фото: Б. Грданоски

Маските паднаа, а не мнозинството во Советот на Град Скопје, смета кандидатот и актуелен градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, по вчерашната објава на опозицискиот блок дека советниците на Левица, Алијанса и Алтернатива се приклучиле на оние од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје. Еве ги одговорите на Шилегов на две прашања на „Независен“ околу најавеното ново мнозинство и за бугарското државјанство на Данела Арсовска.

 

ВМРО-ДПМНЕ и Левица објавија мнозинство во Советот на Град Скопје со Алијанса и АА, но потоа имаше демант од лидерот на Алтернатива Африм Гаши. Дали имаат или немаат мнозинство и што ќе значи ова за вас, доколку бидете избран за градоначалник?

– ВМРО-ДПМНЕ и Левица имаат коалиција меѓу себе, но не и мнозинство. И тоа е добро, конечно го покажаа вистинското лице, а приказната на Левица се руши како кула од карти. Таа партија е само приврзок на ВМРО-ДПМНЕ и ништо повеќе. Нивната наводна борба за правда, правдина, човекови права е само лоша маска која падна и граѓаните конечно може јасно да видат кои се вистинските мотиви за нивното делување. Тоа би требало да се вика коалиција на „големата лага“ која, за среќа, нема да може да направи мнозинство и тоа веќе е демантирано вчера од Гаши.

 

Данела Арсовска повторно ги негираше тврдењата за бугарското државјанство и најави тужба за вас. Како го коментирате ова?

Данела Арсовска е една голема измама за скопјани кои се во шок од нејзините лаги, но и недемократско однесување. Јас сум фрапиран од тоа дека Данела не е појавена на прес-конференција откако излезе скандалот, што јасно кажува само дека не може да се соочи со јавноста. Арсовска не се појави на ниедна дебата со мене, што кажува колку е исплашена да ги соочи аргументите и проектите за Скопје. Арсовска, за само една недела јасно им покажа каков градоначалник би била: неискрен, скриен, без почит кон јавноста и медиумите, кој планира на секоја вистина која не ѝ одговара, да лаже и да се крие. Е таков градоначалник на Скопје не му треба и јас сум убеден дека ќе доживее голем пораз в недела. Арсовска, на мое големо изненадување е најлошиот претставник на истото нереферомирано ВМРО-ДПМНЕ, таа како да е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ од 2013 година, а не 2021. (Б.Б.)