Шилегов: И Ковид може да го одложи отворањето на Лајка


Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска соопшти дека е предвидено стационарот за бездомни кучиња Лајка да се отвори в среда, доколку никој од вработените кои во моментов се во фаза на тестирање не е позитивен на Ковид-19.

– Планот е да го пуштиме в среда, освен ако не ни се јави некој од тимот дека е ковид позитивен. Се надевам ќе немаме. Објектот е готов, планот беше да го отвориме официјално в среда, прекрасно изгледа, меѓутоа ако пандемијата ни се испречи ќе мора да го одложиме, затоа што седум луѓе што таму во моментот работат сега се во фаза на тестирање, рече Шилегов во изјава за медиумите.

Прашан согласно ингеренциите, што презема Градот да се спречат настани како викендов со кафулињата кои не се придржуваа до мерките, Шилегов рече дека со Министерството за внатрешни работи, Пазарниот инспекторат и општините во градот Скопје се во координација и вршат засилени инспекциски надзори особено во централното градско подрачје каде ваков тип на девијации се појавуваат. Според него, овој викенд биле изречени над 350 казни за злоупотреба на јавниот простор и злоупотреба на терасите од угостителските објекти.