Шилегов го нарече судењето за „Пулс“ лакрдија и побара да се прекине


 

Обвинителството ги носи во заблуда одбраната и судот и затоа процесот за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани треба да се прекине.

Вакво барање денеска изнесе адвокатот Петре Шилегов на рочиштето и сите негови колеги адвокати во судницата го поддржаа. Реакцијата на Шилегов доаѓа по контроверзното испраќање на домашен притвор на бегалецот Артан Груби. Шилегов во судницата рече дека постои „дуализам, две категории на граѓани во оваа држава, едни со повластен третман и ние обичните“.

„Имајќи предвид дека најверојатно Јавното обвинителство ги носи во заблуда и одбраната и судот, околу тоа по кои законски прописи постапува во предметот, предлагам судот да ја прекине постапката. Согласно законскиот текст по кој јас работам, верувам и колегите и судот работат по истиот текст, не знам по кој закон работи Јавното обвинителство, член 2 вели дека Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган, а член 7 став 2 од Законот за Јавното обвинителство вели дека јавниот обвинител обезбедува еднаквост на граѓаните пред законот и никој не може да влијае врз независната работа на Јавното обвинителство. Единствениот орган за овој процес донел јавнообвинителска одлука спротивна на член 7 и ги става во нерамноправна улога обвинетите во овој предмет, со обвинетите за кои постапката ја води ОЈО ГОКК.

Ова, заедно со за нас непознатата методологија на носење обвинителски проценки, некои да се во притвор, а некои од бегство да не се притвораат, сериозно ја загрозува рамноправноста на обвинетите. Се обидувам да најдам дали постои дуализам, две категории на граѓани во оваа држава, едни со повластен третман и ние обичните. Побарав во Уставот, вели дека сите граѓани сме еднакви во своите права. Еве го Кривичниот законик, еве го ЗКП. Кои се тие позитивни прописи со кои располага Јавното обвинителство? Барам да го задолжите Јавното обвинителство на одбраната да ѝ достави промероци од своите прописи, па ние како одбрана да ги проучиме и да ја продолжиме постапката на рамноправна основа“, рече Шилегов.

Јавниот обвинител рече дека нема да се произнесе на излагањето на Шилегов и додаде дека тоа не се однесува на обвинетите во овој процес. Судот го одби барањето на Шилегов затоа што, и минатиот пат по истото барање се наведе дека Јавното обвинителство е самостоен орган и судот нема ингеренции да му наложи како ќе постапува.

„Судот ја знае одлуката на ОЈО ГОКК, јас приватно ги набавив двете одлуки и можам да ги користам за советување при донесување на крајната одлука“, рече судијката Дијана Груевска-Илиевска.

Шилегов рече дека е свесен за позицијата на судот.

„Ама очигледно е дека Јавното обвинителство работи по други закони. Треба да направиме систем, нели тоа е целта на предметот, а не да правиме овде лакрдија“, рече Шилегов.