Шеста година привилегирани: Бољшој и МЕТ во живо во „Синеплекс“


Шеста година по ред скопската публика ќе биде привилегирана  да ги следи директните преноси во кино од најславните балети и опери на репертоарот на Бољшој од Москва и Метрополитен од Њујорк за кој се бара билет повеќе и не се прашува за цена. „Синеплекс“ во Скопје е пак меѓу 2.200 избрани кино сали и центри за изведбена уметност во повеќе од 70 држави во светот што овозможува следење на врвна уметност, врвна балетска и оперска изведба, интервјуа со славни балетани и балерини, оперски ѕвезди, режисери и костимографи, една  професионална, културна и животна лекција која се учи од мали нозе.

Серијата наградувани опери во висока резолуција на Метрополитен Операта започнува со својата 14-та сезона 2019-2020 на 12 октомври, од 18, 55 часот, со продукцијата на МЕТ на „Турандот“ од Пучини, во која главните улоги ги играат Кристине Герке, која се појавува во насловната улога, предводено од музичкиот режисер на Met Жанет Лерман-Нојбауер, Јаник Незет-Сегуин.

Сезоната 2019-2020 на „Во живо во HD“ ќе има вкупно десет преноси, вклучувајќи тука и пет нови продукции: МЕТ премиерата на спектакуларната опера на Филип Глас од 20-от век, „Акнатен“, во која Антони Рот Костанцо е во улогата на фараонот а диригент е Кармен Каменсек; Питер Матеи е во насловната улога на Воцек од Берг, во новата изведба организирани од познатиот визуелен уметник и сценски режисер Вилијам Кентриџ и под диригентска палка на Јаник Незет-Сегуин; новата продукција на класичната американска опера од Гершвин, „Порги и Бес“, последен пат изведена на Met во 1990 година, во која главните улоги се на Ерик Овенс и Ејнџел Блу, режијата е на Џејмс Робинсон а диригент е Девид Робертсон; Мет премиерата на „Агрипина“ од Хендл со главни улоги на Џојс ДиДонато и во современа изведба на сер Дејвид МекВикар која ветува комуникација со современата публика; и новата изведба на „Летечкиот Холанѓанин“ од Вагнер во која во насловната улога игра сер Брин Терфел.

Метрополитен во Њујорк

Освен „Турандот“ и петте нови продукции, публиката на „Во живо во ХД“ ќе има можност да го проследи француското ремек-дело на Масене, „Манон; враќањето на визијата“ на Ентони Мингела за „Мадам Батерфлај“ на Пучини во која Пласидо Доминго требаше да го игра Шарплес ама му е откажана соработката заради обвиненија за сексуално вознемирување, Ана Нетребко е во главната улога на „Тоска“ од Пучини; и Дијана Дамрау и Џејми Бартон се двете спротивставени кралици на мери Стуарда, инаку втора опера во трилогијата на Дониѕети за Тудорите.

Избрани кино сали исто така ќе овозможат и специјален празничен encore на Магичната флејта, инаку прв пренос „Во живо во HD“ на ова друштво од 2006 година. Верзијата на оваа класична приказна на Моцарт изведена на англиски јазик се карактеризира со победнички состав во кој се присутни Метју Поленѕани како Тамино, Нејтен Ган во улогата на Папагено и Ренè Папè во улогата на Сарастро. Оваа продукција поддржана од Џули Тејмор ќе биде прикажана на 7 декември во САД и Канада, додека датумите за нејзиното меѓународно прикажување се различни.

Во живо од МЕТ во HD е најголем обезбедувач на алтернативни кино содржини на светот, со повеќе од 26 милиони продадени билети од своето основање во 2006 година.

Бољшој во Москва

Серијата наградувани балети со висока резолуција на Бољшој  сезонава одбележува десетгодишен јубилеј, а стартува на  27 октомври од 16 часот, со „Рајмонда“. На 17 ноември  на репертоарот е „Пират“, на 15 декември- „Оревокршачка“, на 26 јануари-„ Жизел“, на 23 февруари-„Лебедово езеро“, на 29 март- „Ромео и Јулија, и на  19 април- „Скапоцени камења“.

Преносите во Скопје, шеста година по ред, ни ги овозможува Комерцијална банка -АД Скопје, како општествено одговорна компанија .

Директните преноси во Скопје од Москва и Њујорк изминативе години за верната публика беше светски настан  по кој се чувствувавте како светски човек, каде не ви дишеа во врат телохранители, каде немаше правила на облекување, ѕвонење на мобилки, гага шведска маса и постелање на црвен килим. Откривте дека реновираниот театар Бољшој е раскошен како од филмовите, а Метрополитен е со помодернистичко издание. Ги гледавте подготовките на балетаните и оперските пејачи зад сцената и нивните реакции откако ќе се спушти тешката црвена или златна кадифена завеса. Исклучителни културни моменти. Додека не излеговте од киносалата и не се соочивте со музичкиот шунд околу вас.

Секое девојче сонува да биде балерина, а секоја примабалерина да биде ѕвезда. За жал, не ги видовме или не ги препознавме во салата во Скопје. Може годинава ќе биде поинаква со многу публика. Уживајте!

Л. Сабит