Шест европски земји го загубија статусот на земји без мали сипаници додека случаите нагло растат низ целиот континент


Брисел– Малите сипаници се далеку од болест на минатото, со оглед на тоа што случаите нагло растат низ Европа додека земјите не успеваат да ги постигнат целите за вакцинација, јави Еуроњуз.

Ерменија, Австрија, Азербејџан, Шпанија, Обединетото Кралство и Узбекистан повторно воспоставија ендемски пренос на мали сипаници врз основа на бројот на случаи во 2024 година, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Една земја го губи својот статус без мали сипаници доколку вирусот се врати и преносот се одржува континуирано повеќе од една година.

– Преку засилен надзор, подобрен одговор на епидемии и фокусирани напори за пристап до недоволно вакцинираните заедници, сите земји можат да постигнат и да одржат елиминација, изјави за Euronews Health, Бану Батнагар, портпарол на СЗО за Европа.

Меѓународната агенција предупредува дека малите сипаници често се првата болест што повторно се појавува кога стапките на вакцинација опаѓаат, покажувајќи ја итна потреба од зголемена политичка и финансиска посветеност на земјите и меѓународните организации.

Во 2024 година, Англија регистрира 2.911 лабораториски потврдени случаи на мали сипаници, што е најголем број на случаи регистрирани годишно од 2012 година. Најновите податоци од 2025 година изнесуваат 957 случаи – повеќето од нив кај деца на возраст од 10 години и помалку.

– Постојаните празнини во имунизацијата во 2024 година доведоа до повторно појавување на мали сипаници и други болести што можат да се превенираат со вакцини низ целиот регион и до намалување на бројот на земји кои постигнале или задржале статус на елиминација на малите сипаници, рече Батнагар.

Во Шпанија, случаите растат од година во година. Според владините податоци, во 2025 година земјата регистрирала околу 400 случаи, што е двојно повеќе од 2024 година и остар пораст од 11 случаи колку што биле регистрирани во 2023 година.

Австрија исто така забележа скок на случаите на мали сипаници во 2024 година. Здравствените власти пријавија 542 случаи, што е остар пораст во споредба со 186 случаи претходната година.

Ситуацијата не е подобра ниту во другите делови на Европа. Во 2024 година, пријавени се вкупно 35.212 случаи на мали сипаници низ Европската Унија, што е десеткратно зголемување во однос на претходната година, според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести. Бебињата под една година биле најпогодената група, а по нив следувале децата на возраст од една до четири години.

Малите сипаници се ендемски во дванаесет земји: Босна и Херцеговина, Франција, Грузија, Германија, Италија, Казахстан, Киргистан, Полска, Романија, Русија, Турција и Украина. Романија пријави најмногу случаи, при што бројките достигнаа 30.692 во 2024 година, што е пораст од 3.371 во 2023 година.

Со огромното мнозинство на случаи кај невакцинирани луѓе, СЗО ја забележува потребата од одржување на најмалку 95 проценти покриеност со две дози од вакцината против мали сипаници.