Шекеринска стана заменик-генерален секретар на НАТО

Шекеринска е прв македонски функционер што доби воопшто функција во Алијансата и - речиси највисоката


 

Поранешната македонска министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска, денеска во Брисел беше избрана за заменик-генерален секретар на НАТО. Ќе му биде заменичка на Марк Руте, кој од пред неколку месеци е на чело на Алијансата.



Информацијата ја потврди и НАТО со објава од генералниот секретар Руте на официјалниот сајт на Алијансата:

„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следен заменик -генерален секретар. Таа е вистински верник во НАТО, ја знае работата што е потребна за да се приклучи на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа додека ја презема оваа витална улога“.

„Ќе ми биде привилегија да служам како заменик-генерален секретар на НАТО под раководство на генералниот секретар на НАТО. Посветена сум на работа со сите сојузници кон уште посилна и побезбедна Алијанса“, напиша Шекеринска на Твитер по објавата. 

Шеќеринска претходно беше вицепремиер за европски интеграции и министер за одбрана на Северна Македонија, вклучително и пред влезот на земјата во НАТО Алијансата во 2020 година. Таа ќе ја преземе својата функција до крајот на годината. Кандидат за истата функција беше и поранешната министерка од Бугарија, Марија Габриел од ГЕРБ.

Пополнувањето на заменичката позиција беше еден од приоритетите на генералниот секретар Марк Руте, кој ја презеде функцијата на 1 октомври. Неколку функционери на НАТО, кои зборуваа под услов да останат анонимни, за Радио Слободна Европа изјавиле дека имало силна желба заменикот да биде од Централна и Источна Европа и да биде жена.

Меѓу другите кандидати беа поранешната бугарска министерка за надворешни работи Марија Габриел, поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ и Оливера Ињац, која беше министерка за одбрана на Црна Гора 2020-2022 година.

Шекеринска ќе го замени вршителот на должноста заменик-генерален секретар на НАТО Борис Руге, кој привремено ја презеде функцијата, откако тогашниот заменик-генерален секретар Мирчеа Џоана објави дека ќе се кандидира за претседател на Романија.

Шекеринска ќе биде највисокиот функционер на НАТО од регионот на Западен Балкан, надвор од Европската Унија. Таа во моментот е потпретседател на Партијата на европските социјалисти.

Примарната улога на заменикот на генералниот секретар е да го заменува шефот и да претседава со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.