Шекеринска: Тие што ловат во матно ќе се соочат со декретот на Бајден


 Декретот на американскиот претседател Џо Бајден покажува дека интересот на САД за Западниот Балкан не е изгубен, туку напротив се зајакнува, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Според неа декретот испраќа две пораки – дека договорите кои обезбедија решение на проблемите на Балканот се влог во безбедноста на Балканот и дека од сите земји во поширокиот регион очекуваат силна борба против корупцијата.

– Сите нив, меѓу кои и Преспанскиот договор, САД ги доживуваат, ги толкуваат и ги сметаат за гаранција за безбедноста и стабилноста на овој регион. Втората порака е дека не е доволно само да ги решавате политичките проблеми, туку дека од сите земји во поширокиот регион очекуваат силна борба против корупцијата. Мислам дека и двете пораки кои ги испраќаат САД се добредојени за сите нас кои што посакуваме да живееме во подобар регион, кој што не е само дел од евро-атлантското семејство и НАТО, туку е дел од една евро-атлантска култура на владеење на право, на демократски вредности, слободни медиуми, кои носат просперитет, изјави Шекеринска.

Проблеми со декретот, нагласи таа, може да имаат само оние што ловеа во матно и се трудеа или се трудат да ја дестабилизираат државата.

– Јасна е пораката дека ангажманот ќе продолжи и дека тој ангажман нема да биде само зад затворени врати, туку ќе биде експлицитен и јавен, нагласи Шекеринска.