Шекеринска потпретседател, а Маричиќ член на претседателството на Партијата на европските социјалисти

Делегатите на конгресот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) што се одржува во Малага, Шпанија, ги избраа членовите на новото раководство во кое се наоѓаат и двајца претставници на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Радмила Шекеринска повторно е избрана за претседател на ПЕС, а Бојан Маричиќ, секретар за меѓународна соработка на СДСМ, за член на претседателството.
Конгресот повторно го избра поранешниот премиер на Шведска, Стефан Левен, за претседател на ПЕС со речиси едногласност – 196 гласа за и двајца против. Партијата има осум потпретседатели, а меѓу нив повторно е Шекеринска.
Главната цел на конгресот на ПЕС беше усвојување на резолуција со која европските социјалисти ќе излезат на европските избори во јуни 2024. Документот, кој е широк по опфат, нагласува за што ќе се залагаат централно-левичарските партии од ЕУ на овие избори. Проширувањето е само делумно споменато и се „поздравува отворањето на преговорите со Албанија и македонија“. Набројувајќи ги сите кои преговараат, како и препораката за Украина и Молдавија, ПЕС „останува во првите редови во поддршката на пристапните преговори, под услов сите потенцијални идни земји-членки целосно да ги почитуваат стандардите на ЕУ за владеење на правото, демократијата и основните вредности на ЕУ. Ниту една земја не може да се смета дека станува земја-членка без да ги има спроведено сите неопходни обврски и реформи“.
На конгресот присуствува и се обратија повеќе видни европски лидери, како германскиот канцелар Олаф Шолц, данската премиерка Мете Фредериксен, шпанскиот технички премиер Педро Санчез…
Изборот на двајца членови на СДСМ во врвното раководство на Партијата на европските социјалисти им овозможува на социјалдемократите да бидат дел од меинстримот во Европа каде се предлагаат мерки за секојдневието и иднината на европските граѓани.