Шефот на кабинетот на премиерот се заканува со тужба за СДСМ
По прес-конференцијата на СДСМ, на која беа изнесени сомнежи за тендери на високи функционери, прозваниот Владимир Нелоски, шеф на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, се закани со тужба. И рече СДСМ да не поставува прашања, туку да ги изнесат информациите во потврдна форма за да поднесе тужба за клевета.
„Ја гледам онаа тирада на нечесни и валкани прес конференции на СДС партијата, која е петта во градот Скопје и трета во државата. Тие изобилуваат со невистини, креирани информации и полуинформации. Тие треба да го свртат вниманието од комплетното растројство и дезориентираност во просторот на раководството на СДС и Венко Филипче и тој пусти страв од одговорност која знаат дека ја имаат. Мојот татко е дел од споменатата приватна фирма, која не учествува на државни тендери, ниту има добиено тендери. И на никаков начин не може да носи одлуки за државните пари.
Како и секој човек, па и мојот татко кој цел живот работи чесно во приватниот сектор, има право да работи, а впрочем истиот со трговија започнал да се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија.
Нека не поставуваат прашања од СДС, туку нека ги изнесат информациите во потврдна форма за поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи“, напиша Нелоски на Фејсбук.
Претходно, генералниот секретар на СДСМ Александар Димитриевиќ, на прес-конференција објави дека таткото на Владимир, Јовица Нелоски станал содружник во трговската фирма со облека „Трго строј“ од Скопје, чија сопственичка и управителка е Оливера Доновска, сопруга на сопственикот на „Пирамид билдинг солушнс“, Петар Доновски, фирма за која рече дека добила 51 тендер од општини под контрола на ВМРО.
„По доаѓањето на власт на ВМРО, или точно на 11.04.2025 година, како содружник во фирмата ѝ се приклучува Јовица Нелоски. Кој е Јовица Нелоски? Татко на Владимир Нелоски, шеф на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски. Дали сега е јасно?“, рече Димитриевиќ.
Според него, тоа било доказ дека тендерските шеми и фамилијарните фирми, освен што се партиски и фамилијарно поврзани, водат директно и до кабинетот на Мицкоски.
По реакцијата на Нелоски СДСМ возврати со иронија, во смисла дека „се е случајно“, дека таткото на Нелкоски има фирма, дека таа „случајно“ е поврзана со сопругата на „Пирамид билдинг солушн“ и „случајно“ добиле 51 тендер.