Шарлатанство или сегашнава власт се откажа од барањето Груевски да биде испорачан од Унгарија


 

Прашањето на пратеникот на СДСМ, Миле Талески – дали Министерството за правда поднело ново барање за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски од Унгарија толку ги зовре страстите во Собранието за време на пратеничките прашања, што најпосле беше дадена 15-минутна пауза.

Прашањето на Талески како да допре многу чувствително место во владејачката коалиција што предизвика редица лоши квалификациии, како шарлатанство, мизерно однесување и меѓусебни обвинувања со министерот за правда Игор Филков.

Пратеникот на СДСМ тврдеше дека во јавноста интензивно се зборува за „тивка“ работа, со поддршка од лица на највисоки функции во Владата, со цел да се создаде клима за враќање на бегалецот од правдата.

Талески истакна дека политиките на актуелната власт се „копија на матрицата на Груевски“ велејќи дека премиерот Христијан Мицкоски политички и идеолошки се формира по ликот и делото на Никола Груевски, додавајќи дека тој е и негова политичка инспирација.

Министерот Филков избегна да одговори со „да“ или „не“ велејќи оти министерството „си ги бара сите бегалци“, но дека опозицијата „говори за политички азиланти“.

„Ова министерство си ги бара сите бегалци. Што значи дека секојпат кога ќе бидат создадени услови, повторно и повторно Министерството за правда ќе си ги бара своите граѓани“, рече Филков.

Тој ја обвини опозицијата дека ја замајува јавноста и дека има шарлатански пристап и дека ваквите прашања од нејзините пратеници биле „циркус“.

Миле Талески му возврати дека добиле „мизерен одговор од мизерен човек“.

„Добивме од мизерен човек мизерен одговор. Очигледно марионетството на ЗНАМ и полтровството коешто се однесува во нивното партиципирање во Владата конкретно го гледаме во овој конечен пример. Со оглед на тоа дека министерот потврди дека нема Министерството за правда поднесено барање за екстрадиција на бегалецот Никола Груевски, барам овој одговор којшто го дадете тука пред македонската јавност, овој мизерен одговор од мизерниот министер да го поднеси писмено. Имам дополнително прашање коешто барам да ми биде доставено во писмена форма. Зошто Министерството за правда до овој момент нема поднесено барање до Унгарија за екстрадиција на Никола Груевски?“, рече Талески.

Претходно, поставувајќи пратеничко прашање, Миле Талески обвини дека „Христијан Мицкоски политички и идеолошки се формира по ликот и делото на Никола Груевски“.

Во расправата се вклучи и пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, кој побара пауза од 15 минути обраќајќи му се на потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски.

„Зборови како ‘шарлатани’ или ‘шарлатанско однесување’ може да доликуваат на идентитетот на човекот што тоа го кажува, но вие како потпретседател сметам дека треба да реагирате“, рече Битиќи и побара пауза.

Милошоски одговори дека реакцијата за „зборот што е употребен е преувеличена“, па предложи да се бара во толковниот речник значењето на „шарлатанство“.