Шаќири: Единствена паметна одлука на Шилегов му е што не ме назначи за директор на МКЦ
Во гостување на емисијата „Студио 10“, Бени Шаќири, кандидат за градоначалник на Град Скопје, предлог на политичките партии ЛДП и ДОМ, образложи дел од своите заложби за претстојните локални избори.
Покрај комуналните работи поврзани со градот, Шаќири се осврна и на културата, односно како и зошто не станал директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) и дали тоа е причината за која се кандидира за градоначалник на Скопје.
„МКЦ е единствената паметна работа што како градоначалник Шилегов ја направил, тоа што не ме назначи за директор“, изјави Шаќири на гостувањето во емисијата.
Бени Шаќири во 2019-та беше еден од апликантите на јавниот конкурс за директор на МКЦ, амбиција која остана нереализирана, конкурсот беше поништен поради бурните критики од културната сцена за смената на актуелниот директор, продуцентот Русе Арсов, кој раководи со институцијата по 2018, откако дотогашниот директор Златко Стевковски поднесе оставка.
Со писмото кое беше испратено до премиерот Зоран Заев, а на кое беа потпишани над 250 уметници и културни работници отворено побараа Бени Шаќири да не стане директор на МКЦ, затоа што „Господинот Шаќири го нема ни оддалеку потребното искуство да раководи со институција која се занимава со комплексните потреби на независната сцена, чиј дел тој не е, ниту пак кога било имал интерес да биде“.
„Не ме назначија за директор на МКЦ, зошто тогаш ќе имаа нула можност да го работат ова што сега го работат, а тоа е класично мешетарење. Мене не можеш да ме купиш. Мојот образ, мојот дигнитет, моето достоинство не им го давам не на МКЦ, на никого во оваа држава“, вели Шаќири.
Во емисијата, Шаќири петицијата на културните работници со која експлицитно се бараше да не се нарушува континуитетот на МКЦ ја нарекува „фашизоиден потег“.
Актуелниот директор на МКЦ, Русе Арсов е истакнат продуцент и долгогодишен програмски директор на настаните кои ги организира МКЦ, како фестивалите Млад отворен театар, Синедејс, Здраво млади, Земјотрес и голем број ликовни изложби и останати културни настани, важни за културниот развиток на Скопје.