Шабан Салиу во трка за градоначалник на Шуто Оризари

Претседателот на Демократските сили на Ромите (ДСР), Шабан Салиу, синоќа ја претстави својата кандидатура за градоначалник на општина Шуто Оризари.
„Стојам пред вас со чувство на гордост и благодарност. Шуто Оризари е единствената општина во светот што ја води ромската заедница, место каде секој камен ја прераскажува нашата историја, култура и непокорлив дух. Денес заедно одлучуваме за иднината – за чесно и одговорно управување со нашата општина“, порача Салиу пред присутните граѓани.
Тој најави дека неговиот приоритет ќе биде унапредување на инфраструктурата со асфалтирани улици до секое домаќинство, проширен водовод и канализација, поставување на LED улично осветлување и изградба на безбедни пешачки патеки. Меѓу плановите се и изградба на нови социјални станови за семејствата што со години чекаат покрив над глава.
„Особено ќе вложиме во образованието и културата со изградба на современо основно училиште, поддршка за културните установи и создавање услови младите да ја негуваат ромската традиција, додека стекнуваат знаење според најновите стандарди,“ рече Салиу.
Програмата вклучува и формирање мобилен здравствен тим, комплетна реконструкција на амбулантата, изградба на дом за стари лица и создавање фонд за поддршка на ранливите семејства.
Шабан Салиу е актиелен министер без ресор во Владата на Мицкоски, а претходно бешедиректор на Дирекцијата за заштита и спасување и претседателот на политичката партија Демократски сили на Ромите. Тој е опфатен со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, но уште во јуни изјави дека не чуствува апсолутно никаква одговорност и вина.