Северна Кореја им се закани на Американците со „нова светска војна“
Висок севернокорејски воен функционер ги критикуваше САД за испраќање воена помош за Украина, објави државната новинска агенција КЦНА.
Пак Јонг Чон, еден од највисоките воени претставници на Северна Кореја, рече дека Русија има „право да одлучи за секаков вид одмазднички напад“, додавајќи дека Вашингтон „продолжува да ја турка Украина во прокси војна против Русија, што може да предизвика посилен одговор од Москва и нова светска војна“.
САД и Јужна Кореја се вознемирени од продлабочувањето на воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја и ги обвинија за кршење на меѓународните закони за трговија со оружје.
Се верува дека Русија примила околу 1,6 милиони артилериски гранати од Северна Кореја во периодот од август до јануари, објави Вашингтон пост.
Владимир Путин и Ким Џонг Ун го потпишаа пактот за време на посетата на Путин на Пјонгјанг минатата недела. Во пактот, тие ветија дека секоја страна ќе обезбеди „итна воена помош на другата во случај на вооружена агресија“.