Сервер: Очекувам САД да изврши зголемен притисок врз Бугарија


Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се очекува да изврши зголемен притисок врз Бугарија за откочување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, а извршната наредба на Бајден е со цел да врши притисок за подобрување на владеењето на Западен Балкан. 
 

Ова денеска за МИА го изјави Даниел Сервер, експерт за Балканот од универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашинтгон. Сервер смета дека претпристапните преговори меѓу Скопје и Брисел за членство на нашата земја во ЕУ треба да се отворат во јуни.

 

– Се надевам дека тоа ќе се случи, но за жал земјите членки имаат право на вето за речиси сѐ во ЕУ, изјави Сервер.

Тој очекува американската Администрација да изврши притисок врз Бугарија за изнаоѓање брзо решение во однос на „апсурдните барања до Северна Македонија“ поврзани со јазикот и историјата, што, според него, е причина за фрустрација во многу европски центри и во Вашингтон.

– Администрацијата ќе изврши голем притисок врз Бугарија. Иако, не сум убеден дека некој во Софија го слуша тоа, изјави Сервер.

Во врска со Извршната наредба на Бајден за санкции кон лица од Западен Балкан, Сервер вели дека таа е со цел да се изврши притисок врз владите во регионот да запрат со корупцијата и криминалот и да го подобрат владеењето на правото.