Серија силни земјотреси ја погоди Јапонија

Најголемиот од земјотресите беше со јачина од 7,6 степени. Властите го намалија предупредувањето за цунами, но ги советтуваат луѓето да не се враќаат во домовите


Испукани и пропаднати тротоари во погодените области

 

Јапонија го отфрли предупредувањето за цунами од највисоко ниво, издадено по серијата големи земјотреси во понеделникот, но им порача на жителите на крајбрежните области да не се враќаат во своите домови бидејќи сè уште може да дојдат смртоносни бранови.

Земјотресите, од кои најголемиот беше со јачина од 7,6 степени, предизвикаа пожар и урнаа згради на западниот брег на главниот јапонски остров Хоншу. Не е јасно колку луѓе би можеле да бидат убиени или повредени.

Јапонската метеоролошка агенција извести за повеќе од десетина земјотреси во Јапонското Море во близина на брегот на Ишикава и блиските префектури нешто по 16 часот.

Најмалку шест домови беа оштетени од земјотресите, а луѓе беа заробени внатре, изјави владиниот портпарол Јошимаса Хајаши. Пожар избувна во градот Ваџима, префектурата Ишикава, а струјата беше исклучена за повеќе од 30.000 домаќинства, рече тој.

Агенцијата првично издаде големо предупредување за цунами за Ишикава и предупредување за цунами на пониско ниво или совети за остатокот од западниот брег на островот Хоншу, како и за најсеверниот од неговите главни острови, Хокаидо.

Предупредувањето беше намалено на редовно цунами неколку часа подоцна, што значи дека водите може да достигнат и до 3 метри. Афтершокови, исто така, може да ја погодат истата област во текот на следните неколку дена, се вели во извештајот.

Уништената влезна порта во еден верски храм (Фото: АП)

Хајаши нагласи дека е критично луѓето во крајбрежните области да се извлечат од претстојното цунами.

„Секоја минута е важна. Ве молиме веднаш евакуирајте се на безбедно место“, рече тој.

Познато е дека луѓето кои се враќале да ги земат своите паричници и други работи биле однесени и удавени дури и неколку часа по првото предупредување за евакуација. Луѓето беа евакуирани на стадионите, каде најверојатно ќе мора да останат неколку дена.

Хајаши рече дека не се потврдени извештаи за загинати или повредени од земјотресите, велејќи дека ситуацијата сѐ уште е нејасна. Јапонската војска учествуваше во спасувачките напори, рече тој.

Снимките на јапонските медиуми покажуваат луѓе кои трчаат по улиците, а црвен чад излегува од пожар во станбена населба. Фотографиите покажаа толпа луѓе, вклучително и жена со бебе на грбот, стоејќи покрај огромните пукнатини што го пробиле тротоарот.

Некои луѓе се здобиле со полесни повреди кога се сопнале и паднале додека бегале, или пак предмети испаднале од полиците и ги погодиле.

Брзите возови во областа беа запрени, иако некои делови од сообраќајот беа обновени до вечерта. Делови од автопатот исто така беа затворени, а водоводните цевки пукнаа. Некои услуги за мобилни телефони во регионот не функционираа.

Метеоролошката агенција на националната прес-конференција соопшти дека во текот на следната недела може да ја погодат областа повеќе големи земјотреси, особено во следните два или три дена.

Според агенцијата, забележани се повеќе од десет силни земјотреси во регионот, со ризици од лизгање на земјиштето и уривање на куќи.

Предупредувања за цунами беа издадени и за делови од Северна Кореја и Русија.

Јапонската влада формираше специјален центар за итни случаи за да собира информации за земјотресите и цунамито и брзо да ги пренесе до жителите за да се осигура безбедност, изјави премиерот Фумио Кишида за новинарите.

Јапонија е екстремно подложна на земјотреси. Во март 2011 година, голем земјотрес и цунами предизвикаа топење на нуклеарна централа. Последното предупредување беше првпат по катастрофата во 2011 година да се издаде предупредување за цунами од оваа јачина. (АП)