Серафимовски ги соопшти цените на грозјето, опозицијата вели ги измешал производната и откупната цена

Опозицијата смета дека цените се далеку од исплатливи за лозарите, во услови кога нафтата, вештачките ѓубрива, заштитните средства и работната рака се значително поскапени


БИТОЛА – Лозарите денеска ги добија откупните цени на грозјето:  21,8 денари за килограм Вранец и 20 денари за килограм Смедеревка.

Ова значи дека годинава цените се повисоки од лани кога доскорешниот министер Цветан Трипуновски во 2025 година рече дека се постигнати рекордни откупни цени и тоа Вранец: 21,3 денари/кг и Смедеревка: 18,9 денари/кг.

Денес, веста на лозарите им ја соопшти новиот министер за земјоделство Борче Серафимовски при неговата прва посета на Кавадаречко.

„Зад секој килограм грозје стојат труд, знаење и вложувања во текот на целата година, поради тоа цените се утврдени врз основа на реалните трошоци на лозарите и законски предвиденото зголемување од 25 отсто. Обезбедуваме фер, транспарентен и предвидлив процес, во кој трудот и вложувањата на лозарите се соодветно вреднувани“, рече министерот додавајќи дека пресметката за грозјето е изработена од Земјоделскиот институт – Скопје, врз основа на теренски истражувања и анализа на трошоците на репрезентативен примерок на лозарски стопанства.

Од цената на грозјето, лозарите не се задоволни, јавно коментираат дека таа цена е стара многу години и дека се се врти во круг, со разлика од по неколку дени или денар до два.

„Се е скапо, нафта, препарати, работна сила зашто треба цената на грозјето да биде 25 денари од килограм за да можат да се покријат трошоците на земјоделците“, коментираа лозарите и додаваат дека лани Вранецот бил 21,3 денари за килограм, а годинава минимално и смешно покачување со цена од 21,8 денари за килограм.

„Па што се овие цени, бојкотирајте, не го давајте грозјето на откуп. Нека одат винариите нека носат грозје од увоз“, коментираат земјоделци.

Опозициската СДСМ исто така реагираше на новите цени на грозјето со забелешка дека – Серафимовски ги измеша производната и откупната цена на грозјето!

„Ново име, исти манипулации. Уште на првиот настап новиот министер за земјоделство Борче Серафимовски покажа дека не е способен за функцијата. Се потврди тоа што СДСМ го зборуваше – реконструкцијата на Владата е само смена на имиња и нема да ги реши проблемите на земјоделците. Во денешната изјава за производната цена на грозјето, Серафимовски ги измеша лончињата. Наместо производната цена, ја соопшти откупната цена. Зголемувањето од 25%, не е обврска на Министерството за земјоделство и не се пресметува на производната цена, туку тоа го пресметуваат винариите на откупната цена на грозјето“, реагира опозициската СДСМ и пресметува дека „кога ќе се одземат овие 25%, кои не се пресметуваат на производната цена, тогаш реалната производна цена за Вранецот би била 17,44 денари, а за Смедеревката 16 денари за килограм.“

Опозицијата смета дека овие цени се далеку од исплатливи за лозарите, во услови кога нафтата, вештачките ѓубрива, заштитните средства и работната рака се значително поскапени.