Сенатот го отвори патот за потврда на Роберт Кенеди Помладиот за министер за здравство на САД


Вашингтон – Американскиот Сенат на првото гласање за номинацијата на Роберт Кенеди Помладиот за министер за здравство и човечки ресурси одлучи да ја ограничи дебатата за неговата кандидатура, со што е отворен патот за конечно гласање во наредните денови.

Сенаторите со 53 гласа „за“ и 47 „против“ одобрија номинацијата на Кенеди да оди во понатамошна процедура, и покрај силното противење на демократите и на многу експерти за јавно здравје, кои му забележуваат на Кенеди за неговите ставови против вакцините.

Кенеди исто така беше критикуван за неговата контроверзна изјава дека вирусот Ковид-19 бил генетски модифициран за да таргетира белци и црнци, но не и Евреи и Кинези.

Ако Сенатот ја потврди неговата номинација, Кенеди ќе го преземе раководството со министерството што ги надгледува главните федерални здравствени агенции, меѓу кои се Администрацијата за храна и лекови (ФДА) и Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Под негова надлежност ќе бидат и програмите за здравствено осигурување „Медикер“ и „Медикејд“, кои ги користат повозрасните, сиромашните и лицата со попреченост.

Кенеди (71) во 2023 година накратко се кандидираше за номинација на Демократската партија за претседател, но потоа настапи како независен кандидат, пред да ја прекине кампањата и да му даде поддршка на Доналд Трамп.