Села: Си стојам на зборот, не го напуштам „Европскиот фронт“


Алијанса за Албанците (АА) на Зијадин Села останува во „Европскиот фронт“, изјави вчера Села, негирајќи ги информациите за можно напуштање на коалицијата. Таквите шпекулации кои кружат во јавноста, според него, се дело на владејачката „Вреди“.

„Алијанса е сериозен политички субјект. Ако го следите политичкото дејствување од кога дејствува, АА е сериозна во тоа што го кажува пред граѓаните, сериозна е и за обврските што ги презема со коалициските партнери. АА никогаш не го прекрши ветувањето и зборот што го даде. Дадениот збор ми е важен и не знам од кога кружат овие муабети, можеби мислите на оние од ‘Вреди’. Не знам дали сте ја слушнале анегдотата за лисицата и овенот, се однесуваат како лисици“,изјави Села на вчерашната прес-конференција.

Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, кој е дел од владејачката „Вреди“, неодамна изјави дека „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ се дестабилизира. Тој ова го изјави по наводите дека пратеникот и лидер на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, ја напушта коалицијата на опозициските партии на Албанците.