Села не е против носење на Законот за правична застапеност
Лидерот на Алијанса за албанците Зијадин Села најави политичка акција со средби со граѓаните, а не е исклучено да се организираат протести и бојкот на институциите, без да прецизира како ќе се спроведуваат и засега се само опција.
Села, вечерва во Гостивар посочи дека Централното претседателство на политичката партија Алијанса за албанците одржува редовна седница на која покрај партиските функционери присуствуваа и претседателите на ограноците. Пред седницата, Села напомена дека наскоро ќе започнат со активности и средби со граѓаните на кои главни теми ќе бидат состојбите кои, како што рече произлегуваат од делувањето на владејачката коалиција и не се во интерес на Албанците во Македонија.
– Една од темите ќе биде и блокадата на нашиот пат кон ЕУ и да укажеме дека виновници за тоа не се надворешни фактори, туку тоа се внатрешни и се знае кој е виновникот. Сум повторил неколку пати, треба да се направат уставните измени, што е услов од „францускиот предлог“ за да продолжат преговорите, рече Села.
Тој напомна дека во дебатите со граѓаните ќе се дискутира и за актуелните политички состојби и делувањето на актуелната власт во земјава со кои како што посочи се кратат правата на албанците.
На новинарско прашање околу укинувањето на „балансерот“ Села појасни дека не бил против Законот за правична и соодветна застапеност и дека тој закон неговата партија го подготвила уште 2017 година.
– Во тоа време успеавме да го протуркаме законот за јазици, а законот за правична застапеност не стигна на ред, бидејќи ние ја напуштивме владеачката коалиција. Секогаш сум мислел дека балансерот не е добро решение и треба да се бара нов приод. Децидно сум за Закон за правична застапеност, но не треба да биде ставен во фокусот кога Уставниот суд го укинува правото на изјаснување и наведувајќи дека етничката припадност е чувство, рече Села.
Тој напомена дека работи на верзија на закон кој им биде од корист на сите етнички заедници.
Села на новинарско прашање потврди дека останува да делува во коалицијата Европски фронт, а не знае од кои причини Мендух Тачи, лидерот на ДПА ја напуштил, бидејќи како што рече немал комуникација со него.
За формирањето на Академијата на науките на Албанците, Села рече дека тоа е невладина организација, а решението треба да се бара преку законот за правична и рамноправна застапеност и Албанци да членуваат во МАНУ и други институции кои се плаќаат од даноците на граѓаните.
Села очекува дека коалицијата помеѓу ВМРО ДПМНЕ и ВЛЕН нема да опстои цел мандат и коментираше дека следната година ќе се оди на предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните.