Секоја зима Галичник отсечен – до крајот на следната недела патот ќе биде расчистен
Во изминатиот период активно се работи на расчистување и обезбедување проодност на патот кон Галичник, информираат од месната заедница.
Надлежните служби започнаа со активности за расчистување уште во месец јануари. Поради неповолните временски услови, работите продолжија и во текот на февруари. За жал, при интервенција на терен пред речиси две недели, булдожер ангажиран од трети лица пропадна во дел од патот, што дополнително ја усложни состојбата и го забави процесот.
Со поддршка и координација со ЈП Македонија пат и поддршка од ЈПК Маврово, денес машината конечно беше успешно извлечена, по што на терен е ангажирана нова механизација и расчистувањето продолжува со засилен интензитет.
Доколку временските услови дозволат и со ова темпо на работа, очекуваме најдоцна до крајот на следната недела патот кон Галичник повторно да биде целосно достапен.
Воедно, како заедница внимателно ги согледавме сите предизвици со кои се соочуваме при одржувањето на овој планински пат. Се надеваме дека во иднина, со поголема координација и поддршка, ќе успееме да обезбедиме поредовно расчистување и поголема достапност на Галичник и во текот на зимскиот и раниот пролетен период.
Изразуваме искрена благодарност до ЈП Македонија пат за нивниот ангажман, поддршка и посветеност во надминувањето на оваа состојба.