Секоја четврта фирма очекува пад на производството поголем од 50 отсто


Анкетата на Стопанската комора на Македонија покажува дека фирмите очекуваат зголемен пад на производството, извозот и прометот во април

Само седум отсто од фирмите во Македонија очекуваат дека овој месец (април) ќе работат нормално, наспроти 16 отсто во март, односно дека ќе го задржат обемот на производството, покажува анкетата што ја спроведе Стопанската комора на Македонија. Анкетата беше спроведена од 7 до 14 април 2020 година. Станува збор за второ истражување на Стопанската комора за последиците од кризата предизвикана од корона вирусот за македонската економија и очекуваните ефекти од економските мерки на Владата.

Оваа анкета имаше за цел да овозможи увид во регистрираните последици за компаниите-членки на Комората во март и очекувањата за април 2020 година“, соопштија од Стопанската комора.

Пад на производството поголем од 50 отсто за март пријавиле 17 отсто од анкетираните, но за април таков пад очекуваат 23 отсто од фирмите. Целосен престанок на производството во март пријавиле 13 отсто, а такво нешто во април очекуваат 23 отсто од анкетираните фирми. Сите други фирми очекуваат, со релативно рамномерен распоред на големината на падот, намалување на производството до 50 отсто.

„Сето ова покажува дека за април компаниите очекуваат значително влошување на состојбите во поглед на обемот на производството“, велат од Стопанската комора на Македонија.

Состојбите се слични и кај извозот. За март, 40% од анкетираните претпријатија пријавиле дека извозот се одвива нормално, а такво нешто за април очекуваат 34%. Пад на извозот над 50% за март пријавиле 13% од фирмите, а очекувања за ваков пад во април имаат 15% од фирмите. Целосен престанок на извозните активности во март пријавиле 16%, а во април 2020 година тоа го очекуваат 22% од анкетираните фирми.

Сличен е трендот и кај увозот. Нормално одвивање на увозните активности за март пријавиле 32 отсто, додека за април тоа го очекуваат 29 отсто од анкетираните фирми. Пад на увозот за повеќе од 50 отсто во март регистрирале 10 отсто од фирмите, а такво нешто за април очекуваат 13 отсто од фирмите. Целосен прекин на увозната активност за март пријавиле 15 отсто од анкетираните фирми, но веќе 21 отсто од нив тоа го очекуваат за април 2020 година.

Што се однесува до движењето на прометот, за март 2020 година вообичаено ниво на промет пријавиле 16 отсто од анкетираните фирми, 13 отсто од нив пријавиле пад од 41 отсто до 50 проценти, а 25 отсто од фирмите пријавиле пад на прометот поголем од 50 проценти.

„Анкетата укажува на песимистички очекувања за прометот во април 2020 година. Така, само 4 отсто од анкетираните фирми очекуваат нормален обем на промет, 10 отсто од фирмите очекуваат пад од 41 проценти до 50 проценти, а дури 48 отсто од фирмите очекуваат пад на прометот поголем од 50 проценти“, велат од Стопанската комора.

Влошените очекувања за април, искажани од страна на фирмите во анкетата на Стопанската комора на Македонија, добија своја генерална потврда од јавно искажаните наоди на Управата за јавни приходи во однос на падот во наплатата на данокот на додадена вредност во првите две недели на април.

Во однос на суровините, 54 отсто од анкетираните фирми немаат недостаток или прекин на достава на суровини. Преостанатите имаат проблем, и тоа: 26 отсто имаат прекин за достава од ЕУ, 11 отсто прекин за достава од земји вон ЕУ и отсто прекин за достава од земјата.

Што се однесува до залихите, 18 отсто од анкетираните фирми немаат никакви залихи, а 58 отсто од претпријатијата ќе ги исцрпат постојните залихи во првите два месеца од кризата. Ваквото ниво на залихи, комбинирано со недостатокот или прекинот на достава на суровини, укажуваат на потенцијално зголемени проблеми за претпријатијата по истекот на првите два месеца од кризата.

Од Стопанската комора објаснуват дека анкетата вклучува одговори на компании што минатата година заедно имале вкупни приходи од 94,4 милијарди денари или 1,53 милијарди евра. Според бројот на вработени, од анкетираните фирми, 21 отсто се микро, 25 отсто се мали, 29 отсто се средни и 25 отсто се големи фирми. Речиси подеднаквата застапеност на сите сегменти на претпријатија според нивната големина обезбедува дополнителна објективност и репрезентативност на анкетата.

Во однос на дејноста на анкетираните фирми, повеќе од половина, или 53 отсто се од преработувачката индустрија и градежништвото, каде што на преработувачката индустрија отпаѓаат 36отсто, а на градежништвото 17 отсто. Релативно значајно учество имаат и претпријатијата со објекти за сместување и сервисни дејности со храна, како и трговските претпријатија.

Најголем дел од анкетираните претпријатија, 17 отсто се од Општина Центар, 10 отсто се од Прилеп, 7 отсто се од Гази Баба, по 6 отсто од Илинден, од Битола и од Куманово, 4 отсто од Тетово, итн. Дури 79 отсто од анкетираните претпријатија работат повеќе од 10 години.