Секој вработен во јавниот сектор би можел да добие по 1.500 денари ако се пренасочи зголемувањето на платите на функционерите


Доколку функционерите се откажат од нивните зголемени плати за 78 проценти, секој вработен во јавниот сектор би добил по 1.500 во нето на неговата сметка, ако тие пари се трансферираат во плати на вработените во јавниот сектор, пресметаа од Сојузот на синдикати на Македонија. Според претседателот Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов, функционерите треба да бидат солидарни во овој момент, бидејќи, како што вели, преговорите за Колективен договор во јавниот сектор траат веќе три години и дојде време кога тој треба да се договори. Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, пак, вели дека се бара системско решение и за ова и дека заедно со системот на плати ќе се реши и прашањето за платите на функционерите.

Инаку, синдикатите и Владата и денеска излегоа со различни изјави дали на вчерашната седница на Економско социјалниот совет се слушнале конкретни бројки околу зголемување на платите на вработените во јавниот сектор. Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изјави дека до сега не се развговарало за зголемување од 14,2 отсто, туку за систем на плати кој што ќе одговара на сите, додека Трендафилов е категоричен и вели дека на седницата на ЕСС се спомнале неколку предлози, едниот за зголемување на платите осд 14,2 отст колку што беше стапката на инфлација минатата година, потоа 12,55 отсто колку што се зголеми минималната плата и 10,9 отсто колку што се зголеми просечанта плата во земјава.

„Јас не знам од каде 14 отсто кога досега не се разговараше за 14 отсто. Се разговара за систем за плати којшто ќе одговара на сите, да не заборавиме дека платите на дел од државните службеници беа зголемени во март за 2.175 денари, тоа зависно, кај некој е 7-8 отсто, кај некој е дури и 16 проценти. Сега во моментов се разговара во рамки на Економско – социјалниот совет да се најде системско решение. Се работи да најдеме систем кој ќе биде во ред и за синдикатите и за работодавачите, односно и за Владата и за сите, одговори Тренчевска на новинарско прашање, по потпишувањето на Програмата за достоинствена работа во зградата на Сојузот на синдикати.

Со ваквиот став, не се согласува претседателот на ССМ, Трендафилов.

Тој посочи дека вчера на седница на ЕСС се разговарало токму во насока платите на функционерите да се намалат, „за да дадат на македонските граѓани и работници позитивен придонес и пример“. Тој повтори дека тоа што го направија со Уставниот суд е нечовечки и нелогично да ги зголемуваат нивните плати 78 проценти кога платите на вработените се зголемуваат за нула проценти.

„Вториот момент за кој разговаравме беше дека инфлацијата која минатата година која според официјалните податоци е 14,2 или 14,5 проценти треба да биде основниот параметар по кој ќе се пресметуваат платите на вработените во јавниот сектор ако имаме во предвид дека не треба да дозволиме да ја изгубат куповната моќ на тој начин“, вели Трендафилов.

Тој додаде дека на седницата на ЕСС имало различни размислувања, односно дека се разговарало и за 12,55 отсто колку што порасна минималната плата, а од страна на претставници на одредени синдикати било спомнато и 10,9 отсто колку што е порасната и пресечната плата како параметар за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор.

Од синдикатите се задоволни дека е прифатен предлогот за елиминирање на влијанието на функционерите по принципот за утврдување на минималната плата, какои принципот да се пресметува просечна плата по коефициент на сложеност за сите вработени во јавниот сектор кој би се применувал од 2025 година.
„Меѓутоа, прашањето е што до 2025 година. Претседателот на Конфедерацијата на синдикати јасно и гласно укажа дека мора да знаеме за колкав процент ќе пораснат платите во јавниот сектор од септември доколку се случи тоа и колку во септември наредната година, сѐ до моментот кога ќе почнеме да ја пресметуваме платата на вработените во јавниот сектор коефициент на сложеност по просечна плата“, рече Трендафилов.