Седум земји од ЕУ бараат од Калас и Кос „решителен напредок“ на Западен Балкан кон Унијата


 

Во писмо министрите за надворешни работи од седум земји на ЕУ ги повикаа шефицата на европската дипломатија Каја Калас и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, да направат „решителен напредок“ во интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.

Писмото, кое ќе биде доставено до Советот за надворешни работи на ЕУ (составен од министрите за надворешни работи) денес, тврди дека само со интегрирање на Западен Балкан ЕУ може „да ја обезбеди стабилноста и просперитетот на нашиот континент“. Тоа повикува на „јасна агенда и временска рамка за целосно спроведување на Планот за раст“ и „унапредување на постепена интеграција во Единствениот пазар“.

„Ова треба да обезбеди опиплива перспектива за членство во ЕУ и да произведе повидливи резултати за граѓаните на Западен Балкан, особено младите луѓе, и да придонесе за зајакнување на нивната поддршка за ЕУ“, се вели во писмото, потпишано од министрите за надворешни работи на Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија.

Каја Калас при доаѓањето на денешниот состанок (нејзин прв откако стапи на должноста) рече дека министрите ќе имаат за разгледување три важни прашања; прво Сирија, потоа Украина, па Грузија.

Денеска во Брисел ќе се одржи седумнаесеттиот состанок на Пристапната конференција со Црна Гора на министерско ниво.

Состанокот ќе послужи за привремено затворање на преговорите со Црна Гора за следните преговарачки поглавја:

Поглавје 7 – Право за интелектуална сопственост

Поглавје 10 – Информатичко општество и медиуми

Поглавје 20 – Претпријатија и индустриска политика

Во моментов, 33 поглавја во преговорите за пристапување на Црна Гора во ЕУ се отворени, а три се привремено затворени.