Седлоски: Ќе има промени и свежи играчи за дуелот со Швајцарија


Фото: Б. Грданоски

Македонската фудбалска репрезентација утре ја очекува нов дуел со Швајцарија во групата од Лигата на Нациите, десет дена по натпреварот во Скопје. Селекторот Гоце Седлоски очекува реакција од тимот и подобра игра во однос на првиот меѓусебен дуел.

–  Знаеме каква репрезентација е Швајцарија и со какви играчи располага. Мора да ги надминеме грешките од првиот натпревар. На терен ќе излеземе да докажеме дека знаеме да ги отстраниме проблемите кои ги имавме, со колективна игра и еден за друг. Швајцарија е велесила, но ние тука не дојдовме само да одиграме натпревар, туку да направиме нешто. Сакаме добар натпревар и да се израдуваме по поразите кои ги имавме. Сите играчи кои се повикани ќе добијат шанса. Ќе има свежи играчи и некои промени, затоа што не може да се издржи таков период. Од секој играч сакам подобро. Имаме и млади момци кои се примени добро од постарите и од натпревар во натпревар мора да бидеме подобри, изјави Седлоски на прес конференцијата.

Селекторот истакна и дека критиките треба да бидат насочени кон него, а фудбалерите во овој момент да ја имаат потребната поддршка. Инаку, ова ќе биде четврти натпревар за националниот тим во период од 12 дена.

Натпреварот се игра во Луцерн, а почетокот е во 20:45 часот.