Се зголемува бројот на жртви во поплавите во Германија, Дунав на рекордно ниво на водата


Пет лица загинаа, а илјадници се евакуирани во јужна Германија по обилните врнежи што го погодија регионот и предизвикаа огромни поплави. Поради ова, високите функционери предупредија дека климатската криза само ќе се влоши.

Претходно беше потврдено дека две лица и еден пожарникар загинале во сојузната покраина Баварија. Во меѓувреме, уште две лица загинаа во нивниот подрум во покраината Баден-Виртемберг, соопшти полицијата. Властите веруваат дека тие загинале додека се обидувале да испумпаат вода од нивниот подрум.

Регионалните власти соопштија дека шест лица и еден 22-годишен пожарникар се водат за исчезнати, а по нив се води голема потрага.

По обилните врнежи, германските вооружени сили испратија 800 лица во регионот за да помогнат во спасувањето. Германската метеоролошка служба не прогнозира пообилни врнежи и затоа се очекува смирување на ситуацијата.

Во вторникот наутро нивото на Дунав достигна 9,6 метри во Пасау, соопшти Баварската државна канцеларија за животна средина, што е речиси двојно повеќе од нормалното ниво за овој период од годината.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека климатските промени се главниот виновник за ваквата состојба и поплавите како никогаш досега.

Министерот за економија Роберт Хабек, исто така, во неделата истакна дека климатските промени предизвикуваат уште потешки временски услови.

Други области во Европа, како Италија и Словенија, исто така беа погодени од обилни врнежи во последните денови.