Се зголемува бројот на грабежи во Чаир, граѓаните вознемирени

Илустрација

Кражбите во Чаир се негативен феномен што не престанува. Граѓаните од оваа населба се загрижени и не наоѓаат утеха на местото каде што живеат. Речиси сите балкони што се на приземје и први кат се оградени со решетки. Едно од местата кое е најмногу загрозено е и населбата Скопје-Север.

Саид Јусуфи од оваа населба има маркет и магацин во близина на економското училиште „Арсени Јовков“. Тој за „Независен весник“ објаснува дека за 10 дена крадците двапати му влегле во маркетот и магацинот. Првиот пат украле стока во вредност од 1.700 евра, а вториот пат пред 3 недели од магацинот украле цигари во вредност од 3.500 евра. Според него, целиот случај е снимен со безбедносните камери, но иако го испратил снимениот материјал до полицијата, уште не добил одговор за тоа дали разбојниците се приведени и дали украдената стока ќе му биде вратена.

Фотографиите што ни ги испрати Јусуфи покажуваат дека крадците се добро подготвени. Тие носат маски за да не можат да се идентификуваат.

Според него, се работи за 10 лица кои многу често крадат од становите во Чаир. Тој е сигурен дека полицијата ги знае крадците, но не презема мерки. Како што вели, првично еден од полицајците му кажал дека фатиле еден крадец, а потоа дека не можеле никого да фатат.

„На 21 септември во 4:50 часот ми се јавија и ми кажаа дека ми го обиле маркетот. Од Нерези, каде што живеам, тргнав веднаш и кога пристигнав на местото беше обезбедувањето на ‘Никоб’ и потоа дојде и полицијата. Првично еден полицаец ми кажа дека фатиле само еден, но после два часа ми рекоа дека не можеле да фатат ниту еден. Тука се појавува сомнежот дека полицијата ја познава групата, таа знае кои се, но не презема мерки. Јас сум убеден во тоа што го зборувам“, вели Јусуфи.

И соседите слушнале бучава кога крадците го обивале маркетот. Тие велат дека веднаш викнале полиција, но таа доцнела. Вознемирени бараат да се преземаат мерки и да се спасат од оваа опасна група крадци.

,,Вознемирени сме, не можеме да ги оставиме становите сами. Крадците не престануваат, а полицијата не е активна“, вели еден граѓанин.

Иако граѓаните од Чаир велат дека алармантно е зголемен бројот на кражби во местото каде што живеат, од Министерството за внатрешни работи за „Независен весник“ тврдат дека е забележан тренд на намалување на кражбите на подрачјето на Град Скопје, а за конкретниот случај, за кражбата во маркетот, не даваат детали.

„Споредено со периодот од девет месеци од 2018 година со девет месеци од 2019 година, забележан е тренд на намалување на кражбите и тешките кражби во станови/куќи на подрачјето на Град Скопје за 14,4 отсто. Инаку, што се однесува на прашањето за пријавена тешка кражба во маркет во населбата Чаир, ве известуваме дека СВР-Скопје презема мерки за расчистување на случајот и по целосното расчистување ќе ја информираме јавноста“, велат од МВР.

Сопственикот на маркетот стоката ја има осигурено во компанијата „Сава осигурување“, но сè уште не добил одговор дали ќе му биде надоместена штетата.

Жртва на грабеж во населбата Скопје-Север беше и познатиот стилист Арменд Рамадани. Поради кражбите, бил принуден да го затвори салонот за убавина во оваа населба и да го отвори во Карпош.

Арменд Мурсели