Се вознемири Битола, градоначалникот ќе прави голем паркинг во центарот на градот

Оживуваат проектите за Битола на екс-градоначалникот Владимир Талески. Нив сега ги спроведува новата општинска власт


Расчистувањето на теренот за големиот паркинг веќе почна (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – Во строгиот центар на Битола, на чекор до Широк Сокак, зад зградата позната како „Јат“, новата општинска власт урива објекти и гаражи и планира да прави паркинг. За ваквата намера, која вчера помина на седница на Советот, опозицијата обвинува дека оживува проектот за катна гаража на екс- градоначалникот Владимир Талески, за што во 2012 се крена голема прашина и незадоволство кај жителите од околните згради и куќи. Станува збор за простор од околу 1.500 м2, каде во изминатите денови се исечени дузина дрвја.

Сега паркингот се планира зад зградата „Јат“ од каде има пристап на главната улица која ја сече Широк Сокак кај хотелот „Епинал“ и пристап од обновената амбиентална улица „Рузвелтова“, која лани се поплочи и уреди, како ветување реализирано од власта на СДСМ. 

Веќе втора недела јавни претпријатија од општината сечат дрвја, со механизација работат на теренот да го урнат објектот на поранешниот прекршочен суд и старите гаражи и од просторот да направат паркинг. Ваквата активност на локална власт на вчерашната седница на Советот предизвика бурна реакција и критики од опозицијата, особено што се „рехабилитираат“ проекти на сега притворениот екс градоначалник Владимир Талески, а за плановите немаше јавна расправа.

Бојан Бојковски, советник на ВМРО-ДПМНЕ, образложувајќи ја намерата рече дека се работи за узурпација на општинско земјиште од страна на станарите во зградата „Јат“ и дека законите во Битола ќе почнат да се применуваат токму од овој случај. Тој вели дека станува збор за околу триесеттина гаражи кои го нагрдуваат целиот простор, а може да биде поинаку, поурбано и средено.

Изградбата на паркингот почна без јавна расправа (Фото: А. Блажевска)

„Во моментов ЈП ‘Нискоградба’ започна со рушење на објектот на стариот суд за прекршоци со цел да се ослободи тој простор и во другиот дел има узурпирано земјиште од луѓе коишто си направиле гаражи и нив ќе ги нема. Сфаќате, како да ви кажам – ќе ги нема! Не може некој во центарот на градот да си прави таму гаражи, да ги изнајмува или било што да прави. Законот ќе почне да важи од ‘Јат’“, предупреди вчера од советничката говорница Бојковски, кој е и заменик градоначалник на Битола.

Од опозицијата се сомневаат дека власта сака да влезе на мала врата и од паркинг да направи катна гаража на тесен простор среде куќи и згради. Згора на тоа опозицијата обвинува дека намерата на власта се остварува без сега да се отвори јавна расправа, без да им се каже на станарите за намерата и без да им се понуди решение каде тие ќе ги паркираат своите возила.  

Борче Корлевски, советник на СДСМ, обвинува дека власта беспоштедно сече дрвја, зеленило што е повеќе од потребно во строгиот центар на градот, и напомена дека ДУП-от за тој дел во градот е изменет во време на Талески каде без јавна расправа е донесена одлука за изградба на катна гаража.

„Убаво е да им кажете на граѓаните, да ги известите да знаат што да прават со своите објекти, бесправи – правни. Во 2012 година, започнавте еден таков процес и злосторникот повторно се враќа на местото на злосторот. Македонски синдром; ВМРО-ДПМНЕ на комшиите да им ја скрои капата за да си направи паркинг простор. Не оди тоа така, колега. Заборавивте дека ‘Рузвелтова’ е амбиентална улица, ќе ја ископате калдрмата и таму ќе биде влезот за автомобили?  Кога правите планови треба студиозно да настапите, дали ќе се јави тесно грло кај улицата до Поштата, влез и излез; ќе го зголемите паркинг просторот кога ќе ги турните гаражите? Каде ќе паркираат станарите? Она што ќе биде е што ќе им поставите рампа и ќе наплаќате. Не може деспотски на сила да одите“, реагираше Корлевски. 

Улицата „Рузвелтова“ требаше да биде пешачка зона , но на неа уште поминуваат автомобили (Фото: А. Блажевска)

Улицата „Рузвелтова“, која се смета за амбиентална улица, реконструирана од претходната власт на СДСМ и натаму служи како паркинг, иако првичната намера беше да биде шетачка улица. Од ВМРО-ДПМНЕ се правдаат дека нема сообраќаен проект таа да биде исклучиво пешачка, ниту пак знак дека таму не смеат за поминуваат коли. Бојковски вели дека токму до влезот каде се планира новиот паркинг „Рузвелтова“ е улица по која може да поминуваат возила.

Сепак, од општинската власт убедуваат дека немаат пари за катна гаража.

„Нема да е катна гаража, зашто таа во 2012 година, беше предвидена да е две нивоа под земја и две над земја. Тие средства ги немаме предвидено ниту во годишната, ни во Развојната програма за Битола, немаме пари, ниту пак ветување од градоначалникот Тони Коњановски за време на изборите“, убедува Бојковски.

Новата сообраќајна студија која Советот на Битола ја донесе во 2020 година предвидува центарот на Битола да биде пешачка зона со еднонасочни улици и да има повеќе простор за пешаци и велосипедисти, заедно со идеен проект како да се организира режимот на сообраќај во центарот на градот.

Така, ако сега приоритет имаат возила, со студијата се предвидува да се даде предност на пешаците и велосипедистите. Паркингот пред Центарот за култура што граничи со Широк Сокак да биде плоштад. Улицата пред хотелот „Епинал“ да се затвори за сообраќај сѐ до зградата позната како „Јат“. И не само тоа – дел од улиците во центарот да прераснат во еднонасочни и да се ограничи движењето на возилата на 30 км на час. Работите одат бавно на терен и нема некој посебен напредок и динамика. Битола има голем пораст на бројот на возила (25.000), а мал број места за паркирање.