Се урна покрив на дискотека во Санто Доминго – најмалку 15 загинати, повеќе од 70 повредени


Најмалку 15 лица загинаа, а повеќе од 70 се повредени откако рано утринава се урна покрив на ноќен клуб во Санто Доминго, главниот град на Доминиканската Република, соопшти Центарот за вонредни операции (ЦОЕ).

Директорот за вонредни ситуации рече дека спасувачките екипи ќе бидат на терен сѐ додека постои можност некој да е жив под урнатините.

 

Во овој момент спасувачите се обидуваат со термички сигнали да утврдат колку луѓе се под урнатините.

„За жал, досега имавме 15 смртни случаи… се надеваме дека ќе најдеме уште многу живи луѓе“, изјави за новинарите Хуан Мануел Мендес, директор на Центарот за итни операции (ЦОЕ), пренесе аргентинскиот портал Infobae.

„Нашиот град се буди за страшната трагедија што се случи во ноќниот клуб Џет Сет. Моето најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите, а нашите мисли се со семејствата кои чекаат вести за своите најблиски“, изјави градоначалничката на Санто Доминго, Каролина Мехија де Гариго.

Досега се спасени и укажана е лекарска помош на 46 лица, соопшти Националната полиција.

Ноќниот клуб, познат по понеделничките забави со локални познати личности, беше преполн со стотици луѓе за време на настапот на популарниот доминикански пејач Рубио Перез.

 

Екипите на итната помош продолжуваат да трагаат по преживеани додека се истражуваат причините за трагедијата.

Руби Перез

На местото на настанот се испратени десетици возила на итната помош и единици на СЕ, Националната полиција, националниот систем за вонредни ситуации и безбедносниот систем, пожарникарите, цивилната одбрана и Министерството за одбрана, а се стравува дека бројот на загинати ќе се зголеми во наредните часови поради фактот што неутврден број луѓе се под урнатините.