Се рушат објектите од некогашната фабрика „Треска“


Фото: Независен весник

Во кругот на некогашната фабрика „Треска“во Скопје , деновиве интензивно се работи на рушење на поранешните фабрички погони и се подготвува простор за во иднина да се градат нови згради. Изминатава недела најпрво работници ги отстрануваа крововите на фабричките погони, по што дел од објектите беа срушени, а со багери градежниот шут се товари во камиони и се изнесува надвор од фабриката.

Рушењето на некогашните фабрички погони е видливо единствено за жителите на околните згради, но не и за минувачите на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Рузвелтова“, бидејќи објектите кои се наоѓаат покрај самите сообраќајници се уште не се срушени.

Во април годинава реагираа и од „Шанса за Центар“, откако започна расчистувањето на дел од објектите во рамките на фабриката „Треска“. Тогаш од оваа советничка група изјавија дека не добиле информација на Совет на општина Центар кој го расчистува теренот во комплексот „Треска“, а градоначалникот ги крши одлуките и прописите и работи спротивно од сопствените предизборни ветувања во однос на „Треска“. Од општината тогаш реагираа дека станува збор за лаги и манипулации од „Шанса за Центар“.

Инаку, во кругот на фабриката „Треска“ се случија два пожара, и тоа првиот во септември 2021 година, додека вториот поголем инцидент беше на 14 април 2022 година, кога интервенираа бројни противпожарни возила и пожарникари за да ги изгаснат отровните пламени јазици.