Се рециклира 30 отсто од амбалажниот отпад, потребна е инфраструктура


Во меѓувреме во Градскиот парк (Фото: Б. Грданоски)

Во просек околу 30 проценти од отпадот од пакување, што се пушта на пазарот во земјава се селектира, а за зголемување на овој процент, потребна е инфраструктура.

Законските измени, донесени минатата година во Собранието, предвидуваат изградба на регионални депонии и инвестиции во инфраструктура како контејнери и камиони, но за нивна набавка се уште се чека да помине предлог-законот за заем од ЕБОР, за што министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини се надева наскоро ќе гласаат пратениците.

Од продажбата на биоразградливи кеси, што е една од повидливите измени со пакетот од шест закони кои минатата година помина во Собранието за селекција и постапување со отпад, само во првите шест месеци од годинава освен што употребата е намалена на 30 проценти, собрани се и 65 милиони денари, кои ќе бидат насочени кон набавка на контејнери и камиони за селекција на отпад.

Со новите законски измени, освен граѓаните, данок за отпад плаќаат и производителите за секој производ што го пласираат на нашиот пазар од што моментално се собираат околу евро до евро и половина по глава на жител – што е меѓу 1,8 и 2,7 милиони евра годишно – 65 проценти од кои законот предвидува да бидат инвестирани повторно во инфраструктра.

Поефикасната селекција и рециклирање на амбалажниот отпад, се тема и на меѓународната работилница, што се организира од компанијата „Пакомак“ денеска и утре во Скопје, а на која учествуваат најголемите компании за управување со отпад од регионот – кои се членки на организациите ПРО ЕУРОПЕ и ЕКСПРА со седиште во Брисел, меѓу кои од Грција, Бугарија, Србија, Романија, Унгарија и Босна и Херцеговина, како и претставници од Белгија, Чешка и Кипар.

Според министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, настанот ќе послужи како основа за размена на искуства со експерти од регионот и државата за тоа како подобро и повеќе да се рециклира отпадот.

– Една од најголемите поенти во пакетот од шест закони, што минатата година поминаа во Собранието, се за управување со отпад. Тоа значи дека ако ние можеме да селектираме и почнеме со циркуларна економија ќе имаме помалку количина отпад што ќе заврши на депонија, изјави Нуредини.

Фото: Б. Грданоски

Во пракса од овие закони, Нуредини рече дека тоа што досега е направено е имплементирање на законите и намалување на употребата на пластични кеси – што е намалена за осум пати, како и контрола сите кои увезуваат бела техника дали плаќаат данок за рециклирање, како што е предвидено во законот.

– Тоа е почеток. Втора фаза, е инвестирање во инфраструктурата во државата. Без инфраструктура во државата за жал не можеме целосно да го имплементираме пакетот закони. Знаете, дека имаме предлог закон за заем од ЕБОР, кој за жал се уште не е поминат на собраниска Комисија. Очекуваме сите пратеници да седнат, да дебатираме ако е потребно и да помине законот, за да можеме да почнеме со изработка на инфраструктура во државата, изјави Нуредини.

Општините  дека немаат финансиска можност и 30 години не е инвестирано во државава, и затоа, нагласи Нуредини, ние како Влада презедовме обврска преку заеми и ЕУ средства да инвестираме во регионални депонии, трансфер-станици, контејнери и камиони.

– Ако не инвестираме во инфраструктура, во државата ќе продолжат да постојат диви депонии, ќе продолжи да се создава неселектиран отпад и ќе продолжиме да ја загадуваме нашата почва, од која се храниме и подземните води кои го пиеме, изјави Нуредини.

До крајот на јуни годинава во Фондот на МЖСПП од продажбата на биоразградливи кеси се собрани повеќе од 65 милиони денари.

– Законски ние не можеме тие средства оваа година да ги употребиме и направена е програмата за следната година и во јануари ќе почнеме со набавка на контејнери се селектирање на отпад. Тоа значи дека ние ќе помогнеме и на колективните постапувачи со контејнери за пластика, хартија и друго да бидат поставени на нашите улици и да дадеме можност на нашите граѓани сами да селектираат, изјави Нуредини.

Според директорот на Пакомак, Филип Ивановски, земјава не заостанува многу во однос на регионот во делот на собирање и рециклирање на отпад и се наоѓа некаде во просекот на регионот и дури може да се носи со некои земји членки на ЕУ од регионот.

– Не дека сме многу добри, но не сме ниту лоши, како што генерално постои имиџ во делот на рециклирање. Во Македонија, според нас, се собира некаде во просек 30 проценти од отпадот од пакување, што се пушта на пазарот. Стакло, конкретно се собира повеќе од 35 проценти, од тоа што се пушта на пазарот, изјави Ивановски.

Клучно, според него, е да има инфраструктура бидејќи како „Пакомак“ најмногу сме инвестирале во селекција на стакло. Со самото тоа што од следната година и министерството ќе се вклучи во поставување на инфраструктура, како што рече, очекува следната година да имаме уште повеќе резултати.

Наша цел, рече Ивановски, е 2030 година 70 проценти од отпадот од пакување да се селектира и рециклира.

– Во Чешка 12 евра по глава на жител се собира преку колективниот постапувач, што значи дека со десет милиони жители собира 120 милиони евра годишно кои ги вложува во инфраструктура. Слично е во Германија, околу една милијарда на 80 милиони жители. Во Македонија ние како граѓани во моментов плаќаме на милиони и 800 илјади жители евро до евро и половина на сите селективни постапувачи. Не може да очекувате да ги имате истите резултати, изјави Ивановски.

Ова, според Ивановски е процес што во Германија постои 30 години, и изрази верување дека и ние за 20 години од сега ќе бидеме најмалку исто, но за тоа, како што рече, треба да работиме сите заедно.